За љубовта
 
 
 
 
 

За љубовта (19.06.2009)

Мојата душа жеднее по Живиот Бог. Мојата душа повторно бара до ситост да се наслади од Господа. О, колку е непостижна милоста Божја: Господ го создаде човекот од прав и му го вдахна здивот на животот. И човечката душа се сроди со Бога. Господ така го возљуби своето создание, што му Го даде Светиот Дух на човекот, и тој Го позна својот Создател, и Го возљуби.

Светиот Дух е љубов и сладост за душата, за умот и за телото. Но, кога душата ќе ја загуби благодатта, или кога таа се намалува, тогаш душата повторно со солзи Го бара Светиот Дух, и тагува по Бога, и вели:

„Тагува душата моја по Господа, и со солзи Го барам. Како да не Те барам, Господи? Ти Самиот прв ме побара мене и ми даде да се насладам од Светиот Дух. И сега мојата душа тагува по Тебе. Моето срце Те возљуби, и Те молам: Дај ми до крај да пребивам во Твојата љубов. Дај ми заради Твојата љубов да ги поднесувам сите неволји и болести”.

 

 

Страв и трепет ја обзема мојата душа кога сакам да пишувам за љубовта Божја.

Бедна е мојата душа, и не може да ја опише љубовта Господова.

И се плаши душата, но и копнее да напише макар неколку зборови за љубовта Христова.

Изнемоштува мојот дух додека ова го пишувам, но љубовта ме принудува. О, колку човекот е немоќно создание!

Кога благодатта е во нас, тогаш духот гори и се граба да биде со Господа дење и ноќе. Бидејќи благодатта ја поттикнува душата да Го љуби Бога. И таа Го возљуби и не сака да се оддели од Него, оти не може да се насити од сладоста на Светиот Дух.

Љубовта Божја нема крај.

Знам еден човек, кого милостивиот Господ го посети со Својата благодат. И кога би го прашал Господ: „Сакаш ли да ти дадам уште повеќе?” тогаш, заради немоќта на телото, душата би рекла:

“Господи, Ти гледаш дека би умрел ако има повеќе”, оти човекот е ограничен и не може да ја понесе полнотата на благодатта.

Така, и на Тавор, Христовите ученици паднаа ничкум од славата Господова. И никој не може да разбере како Господ ѝ ја дава Својата благодат на душата.

 

 

Ти Си благ, Господи. Ти благодарам за Твојата милост. Ти го излеа врз мене Твојот Свет Дух, и ми даде да ја вкусам твојата љубов спрема мене, толку многу грешниот. И копнее душата моја по Тебе, Светлино непристапна.

Кој може да Те познае ако Ти Самиот, Милостив, не благоволиш да ѝ се покажеш на душата? И таа Те виде, и Го позна Својот Создател, благиот Бог. И ненаситно секогаш Те сака, оти Ти, Милостив, со љубовта ја привлече душата при Себе. И душата ја позна Твојата љубов.

Господи, Ти гледаш, колку е немоќна и грешна човечката душа. Но Ти, Милостив, ѝ даваш на душата да Те љуби. И се плаши душата некако да не го загуби смирението, коешто демоните сакаат да ѝ го одземат. Бидејќи тогаш Твојата благодат ќе ја остави душата.

 

 

Со што ќе Му возвратам на Мојот Господ?

Јас сум гаден. Господ го знае тоа, но јас сакам да ја смирувам мојата душа, и да го љубам ближниот, дури и да ме навредува. Јас секогаш Го молам Милостивиот Господ, да ми даде да ги љубам непријателите. И јас преку Божјото милосрдие познав што значи да се љуби Бог и ближниот. И ја молам од Господа таа љубов дење и ноќе, и Господ ми дава солзи да плачам за сиот свет. Но ако осудам кого и да е, или ако некого погледнам попреку, тогаш солзите се губат, и душата се нажалува. Но јас повторно почнувам да барам простување од Господа. И Милостивиот Господ ми простува мене грешниот.

Браќа, пишувам пред лицето на мојот Бог: смирувајте ги вашите срца, и ќе ја видите милоста Господова уште на земјата, и ќе Го познаете Небесниот Создател, и вашата душа нема да знае за ситост во љубовта.

 

 

Никој сам од себе не може да знае што е љубовта Божја, ако не го научи Светиот Дух. Но, во нашата Црква љубовта Божја е позната преку Светиот Дух, и заради тоа ние зборуваме за неа.

Грешната душа, што не Го знае Господа, се плаши од смртта. Таа мисли дека Господ нема да ѝ ги прости гревовите. Но, тоа е затоа што душата не Го знае Господа и не знае колку многу Он нè љуби. А да знаат луѓето, тогаш ниту еден човек немаше да очајува. Бидејќи Господ не само што простува, туку и многу се радува кога ќе се обрати некој грешник. Дури и да дојде смртта, ти цврсто верувај дека ќе добиеш простување само ако побараш.

Господ не е Таков какви што сме ние. Он е многу кроток, и милостив, и благ, и кога душата ќе Го познае, се восхитува без крај и вели: Каков Господ имаме!

Светиот Дух ѝ даде на нашата Црква да познае колку е големо Божјото милосрдие.

Господ нè љуби, и кротко, без укор нè прима, како и таткото што не го укори блудниот син од Евангелието. Туку заповеда да му дадат нова облека, на раката да му стават скапоцен прстен, и на нозете обувки. И заповеда да го заколат згоеното теле и да се веселат. И во ништо не го изобличи.

О, колку само кротко и трпеливо сме должни да го поправаме нашиот брат, за да празнува душата заради неговото враќање.

Светиот Дух ја учи душата неискажливо да ги љуби луѓето.

О, браќа, да ја заборавиме земјата и сè што е на неа. Таа нè одвлекува од созерцувањето на Светата Троица, Која е несфатлива за нашиот ум. Но Неа, светиите Ја гледаат на небесата преку Светиот Дух.

А ние, да пребиваме во молитвата без да примаме каква и да било претстава. И да го бараме смирениот дух од Господа, и Он ќе нè возљуби, и ќе ни даде сè што ни е полезно за душата и телото на земјата.

Милостив Господи, дај им ја Твојата благодат на сите народи на земјата. И ќе Те познаат Тебе, бидејќи без Твојот Свет Дух човекот не може да те познае Тебе и да ја разбере Твојата љубов.

Деца, познајте Го Создателот на небото и земјата.

Господи, прати им ја Твојата милост на сите деца на земјата што ги љубиш, и дај им да Те познаат Тебе преку Светиот Дух. Со солзи те молам: услиши ја мојата молитва за Твоите деца, и дај им на сите да ја познаат Твојата слава преку Светиот Дух.

 

Свети Силуан Атонски