За љубовта (втор дел)
 
 
 
 
 

За љубовта (втор дел) (21.06.2009)

Од младоста сакав да мислам: Господ се вознесе на небото и чека да дојдеме кај Него. Но, да бидеме со Господа треба да сме подобни на Него, или да бидеме како деца – смирени и кротки, и да Му служиме Нему. Тогаш, според Словото Господово: „Каде што Сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга”, и ние ќе бидеме со Него во Царството Небесно. Но сега, мојата душа е многу темна и тажна. И не можам да го вознесам умот чист кон Бога, и немам солзи да ги оплакувам моите лоши дела. Се исуши душата моја и се измори од помрачениот живот...

О, кој да ми ја запее песната, што ја сакам од младоста, за тоа, дека Господ се вознесе на небото и дека Он многу нè љуби, и дека желно нè чека да дојдеме кај Него. Таа песна би ја слушал со солзи, оти мојата душа тагува на земјата.

Што ми се случи? Како ја загубив радоста, и дали ќе ја најдам повторно?

Плачете со мене сите ѕверови и птици! Плачете со мене шуми и пустини! Плачете со мене сите Божји созданија, и чујте ме во мојата мака и во мојата тага!

Еве за што размислува мојата душа: Кога јас толку малку Го љубам Бога, а мојата душа толку многу тагува по Господа, тогаш колку ли голема беше тагата на Мајката Божја, кога таа остана на земјата по Вознесението Господово?

Таа не ни остави ништо напишано за маката на Својата душа. И многу малку  знаеме за Нејзиниот живот на земјата. Но, треба да знаеме дека ние не можеме да ја разбереме полнотата на Нејзината љубов спрема Својот Син и Бог.

Срцето на Мајката Божја, сите Нејзини мисли, сета Нејзина душа, беа зафатени со Господа. Но, Нејзе ѝ беше дадено и нешто друго: Таа Го љубеше народот и огнено се молеше за луѓето, за новите христијани, што ги утврди Господ, за сиот свет, за сите да бидат спасени. Во таа молитва беше Нејзината радост и утеха на земјата.

Ние не можеме да ја достигнеме полнотата на љубовта на Мајката Божја, но знаеме дека:

Колку е поголема љубовта, толку се поголеми страдањата на душата.

Колку е поголема полнотата на љубовта, толку е поголема полнотата на познанието.

Колку е поогнена љубовта, толку е поогнена молитвата.

Колку е посовршена љубовта, толку е посвет животот.

Никој од нас не може да ја достигне полнотата на љубовта на Божјата Мајка. Нам ни е потребно Адамовото покајание, но делумно, како што нè учи Светиот Дух во Црквата. И ние ќе ја разбереме таа љубов.

 

 

“Зар не гореа срцата наши”, (Лука 24,32) се прашуваа Апостолите кога им се приближи Христос. Така душата Го познава Својот Владика, и Го љуби и сладоста на Неговата љубов е огнена.

На небесата сите имаат една љубов, а на земјата некои многу Го љубат Господа, некои малку, а некои воопшто не Го љубат. Душата што е исполнета од љубовта Божја, ги заборава и небото и земјата. Духот гори и невидливо Го гледа Саканиот. И душата пролева многу слатки солзи и не може да Го заборави Господа ниту на еден миг, оти благодатта Божја дава сила да се љуби Љубениот.

О, во каква ли слава е Господ, и со какви ли песни Го величаат на небесата, и колку ли се слатки тие песни, што се излеваат од љубовта Божја.

Кој е достоен да ги слуша тие песни, што се пеат со Светиот Дух, и во коишто се велича Господ заради Своите страдања, и каква ли е радоста на оној што ќе ги слушне тие песни?

Душата едвај се допира до љубовта Божја на земјата, а од сладоста на Светиот Дух веќе се восхитува од љубениот Бог и Отец Небесен.

Браќа возљубени, да се смириме себеси, за да бидеме достојни за љубовта Божја, за Господ да нè украси со Својата кроткост и со Своето смирение, за да станеме достојни за небесните живеалишта што ни ги подготви Господ.

 

 

Господ ги љуби сите луѓе, но оној кој Го бара, него го љуби повеќе.

“Оние кои Ме љубат, и Јас ги љубам, говори Господ. И оние кои ме бараат, ќе најдат благодат” (Изрек. 8,17). А со неа, добро е да се живее, душата е весела и вели: „Господи МОЈ, јас сум слуга ТВОЈ”.

Во овие зборови се крие голема радост: Ако Господ е наш, тогаш и сè е наше. Ете, колку сме богати.

Голем е и недостижен нашиот Господ. Но, заради нас толку се унижи Себеси, за да Го знаеме него и да Го љубиме, за да ја забораваме земјата од љубовта Божја, за да живееме на небесата и да ја гледаме славата Господова.

Господ на Своите избраници им дава толку голема благодат, што тие со љубовта ја прегрнуваат целата земја, сиот свет. И нивната душа гори од желба да се спасат сите луѓе и да ја гледаат славата Господова.

 

Свети Силуан Атонски