Лествица: За среброљубието и за нестекнувањето
 
 
 
 
 

Лествица: За среброљубието и за нестекнувањето (11.12.2009)

Поголемиот број мудри учители зад штотуку опишаниот непријател обично го ставаат овој стоглав демон на среброљубието. За ние, толку неуки, да не би го менувале редот на мудрите, и самите ќе одиме според нивниот распоред и правило. Затоа, ако е по волја, ќе ја разгледаме самата болест, а потоа во неколку збора и начинот на нејзиното лечење.

            Среброљубието е обожување на идол (в. Кол. 3, 5), ќерка на неверието, извинување за слабостите, весник на староста, претскажувач на глад, пророк на суша.

            Среброљубивиот го исмева Евангелието1. Тој е свесен престапник.

            Оној што стекнал љубов ги растура парите. А кој може да го има и едното и другото, се лаже себеси.

            Тој што се оплакува себеси, се откажува и од телото свое, и во случај на потреба не го штеди ни телото.

            Немој да велиш дека собираш за сиромасите. Царството Небесно можело да се купи и за само две лепти. (сп. Лука 21, 1 - 4).

            Еден ден се сретнале еден гостољубив и еден среброљубив човек. И вториот го нарече првиот неразумен.

            Оној што ја победил оваа страст, се ослободил од грижите. А кој е врзан од неа, никогаш нема да може да се моли чисто.

            Среброљубието почнува под изговор за милостиња, а завршува со омраза кон сиромасите. Додека не натрупа пари среброљубивиот е милосрден; штом дојде до пари, ја стиска раката.

            Сум гледал луѓе сиромашни со пари како во друштво на сиромашните по дух го збогатија својот дух и заборавија на својата поранешна беда.

            На монахот што сака пари унинието му е туѓо. Тој секој час се сеќава на зборовите на апостолот: Тој што не работи нека и не јаде (2 Сол. 3, 10), и уште: За моите потреби и на оние што се со мене ми послужија овие мои раце (Дела 20, 34).

            Нестекнувањето (т.е. доброволната сиромаштија) е отфрлање на овоземните грижи, безгрижен живот, непопречуван пат, вера во заповедите Божји, отстранување на тагата. Монахот којшто живее во доброволна сиромаштија е господар на светот, којшто на Бога Му ја доверил сета грижа за себе, и со помош на верата сите ги направил свои слуги. Тој никому не кажува за своите потреби, а она што му доаѓа, го прима како од раката Господова. Подвижникот што живее во доброволна сиромаштија е син на беспристрастието, кој за сè што има смета како да го нема. Напуштајќи го светот тој сè смета за ѓубре. Ако пак за нешто му е жал, уште не станал сиромаштвољубив.

            Човекот којшто живее во доброволна сиромаштија има чиста молитва, а лакомиот човек се моли мислејќи на земните нешта.

            На оние што живеат во послушание туѓо им е среброљубието. Зашто, кога го предале и своето тело, што уште имаат да сметаат за свое? Таквите луѓе со тоа се само во едно оштетени: што сега лесно и спремно можат да преминуваат од место на место. Сум забележал дека сопственоста над извесни нешта може да го врзе монахот на едно место. Но сепак дојдов до заклучок дека поблажени се монасите што скитаат заради Господа.

            Кој го вкусил небесното, лесно го презира земното. А оној што не го вкусил небесното, се радува на стекнувањето на земните нешта.

            Неразумно сиромашниот монах трпи двојна штета: се разделува од сегашните добра, а се лишува и од идните.

            О монаси, да не бидеме во верата послаби од птиците: тие не се грижат за ништо и не собираат во амбари (Мат. 6, 26).

            Голем е оној човек којшто побожно се откажува од својот имот, а свет е човекот којшто се откажува од сопствената волја. Првиот ќе прими стократно, било во имот било во благодатни дарови, а вториот ќе наследи живот вечен.

            Како што во морето секогаш има бранови така и среброљубивиот не го напуштаат гневот и тагата.

            Кој ги презрел вештествените добра, се избавил од спорови и расправања. А лакомиот човек и за игла ќе се гони до смртта.

            Непоколебливата вера им става крај на грижите; а сеќавањето на смртта доведува до одрекување и од сопственото тело.

            Кај Јов немаше ни трага од среброљубие: заради тоа тој остана спокоен и кога се лиши од сè (Јов 1, 22).

            Среброљубието се нарекува и е корен на сите зла (Тим. 6, 10). Тоа доведува до омраза, до кражби и завист, до раздвојувања и непријателства, до судири и злопамтења, до суровост и до убиства.

            Некои со мал пламен успеваа да запалат голема шума. И со помош на малечка добродетел, многумина успеваа да ги избегнат сите овие досега споменати страсти. Таа добродетел се нарекува беспристрасност, а неа ја раѓа опитното богопознание, и грижата за сè што ќе кажеме во своја одбрана во часот на заминувањето од овој свет.

            Кој со внимание ја прочитал поуката за мајката на сите зла (стомакоугодието), знае дека како второ дете во нејзиното грозно и проклето потомство е наведен каменот на нечувствителноста. Но многуглавата змија на идолопоклонството (среброљубието) ме спречи на тој камен да му го дадам соодветното по ред место. Не знам како, но среброљубието мудрите отци го поставиле на трето место во низата на осумте страсти. Дури сега, откако го завршивме ова сразмерно излагање за среброљубието, имаме намера да говориме за нечувствителноста, страст по ред трета, а според потеклото втора. После тоа ќе зборуваме и за сонот и бдеењето. Не само тоа туку ќе кажеме и неколку зборови и за детинската и малодушна страшливост. Сето тоа се болести на почетниците.

            Уште еден степен: тој што ја добил оваа битка, патува со духот кон небото, ослободен од сè вештествено.

           

Шеснаесетта битка:

кој во неа ќе победи,

или ја стекнал љубовта

или се ослободил од грижите.