Преподобен Исаак Сирин
 
 
 
 
 

Преподобен Исаак Сирин (22.11.2010)

Бог Го испрати Својот Син во светот кога луѓето беа особено западнати во гревови, кога беа исполнети со големо непријателство кон Бога. Затоа многу повозвишена добродетел е зачувувањето на љубовта кон луѓето кога паѓаат во гревови, отколку кога водат праведен живот.

Не мрази го грешникот, бидејќи сите сме грешни. Ако заради Бог се подвизуваш, тогаш пролеј солзи за него. Зошто го мразиш? Замрази го неговиот грев, а помоли се за него, и така ќе станеш сличен на Христа, Кој не негодувал против грешниците, туку се молел за нив. Зарем не гледаш, Он плачел и за Ерусалим. Ние често им служиме за потсмев на демоните. Зошто го мразиме оној кому ѓаволот му се потсмева како и нам? Зошто, човеку, го мразиш грешникот? Бидејќи не е праведен како тебе? Каде е твојата правда, кога немаш љубов?! Зошто не заплачеш заради него, туку го гониш? Некои, кои за себе мислат дека здраво судат за делата на грешниците, се гневат заради тоа на нив, постапуваат така од незнаење.

Не треба пред време да бараме многу, за дарот Божји да не пропадне заради брзината на неговото примање. Сè што се постигнува лесно, бргу и се губи; сè што е добиено со страдание на срцето пак, грижливо се чува.

Ако некои од Отците пишувале дека постои чистота на душата, дека постои нејзино здравје, бестрастие, не го пишувале тоа за ние пред време да ги бараме и исчекуваме. Во Светото Писмо е речено: „Царството Божјо нема да дојде забележливо“ (Лука 17, 20). Оние во кои живее исчекувањето, стекнале гордост и пад... Црквата Божја го отфрлила барањето и исчекувањето на возвишените Божји дарови. Тоа не е обележје на љубов кон Бога, туку – болест на душата... И како да трагаме по возвишени Божји дарови, кога божествениот Павле се фали со страдања, а за најголем Божји дар го смета учеството во Христовите страдања!

Ако Му се молиш на Бога за нешто, а Тој се двоуми да те услиша, не тагувај заради тоа: ти не си попаметен од Него. Така се случува по најмудра Божја промисла, која е несфатлива за човековиот разум.

Нашиот великодушен Отец, кога ќе посака на Своите вистински синови да им подари излез од нивните искушенија, не ги одзема искушенијата од нив, туку им дава трпение во искушенијата, и тие сите богатства за восовршување на своите души ги примаат со раката на трпението.

Утеха и напади, светлина и темнина, борби и помош, накусо речено притеснетост и пространство – и тоа е знак дека човекот напредува со Божја помош.

 

Преподобен Исаак Сирин