Светите Три ерарси
 
 
 
 
 

Светите Три ерарси (13.02.2011)

Св. Василиј Велики

 

 

Подвижничкиот живот има една цел – спасение на душата. Поради тоа, сѐ што може да придонесе за остварување на таа цел треба да се поддржува со страв како Божја заповед. Самите Божји заповеди не се однесуваат на ништо друго, освен на спасение на оној, кој ги исполнува.

 

Постојаното надгледување на себеси, ќе ти даде доволно раководство и за познание на Бога, зашто ако се спознаеш себеси, нема да имаш потреба да ги бараш трагите на Творецот во устројувањето на вселената, туку ќе ги најдеш во самиот себе, како во некој мала вселена и ќе ја видиш големата премудрост на Создателот.

 

Од сѐ најважно за христијанинот е – да биде секогаш готов да Го пречека Господа, зашто никој не го знае часот на Неговото доаѓање.

 

 

 

Св. Григориј Богослов

 

 

Од денот кога се одреков од нештата на овој свет за да ја посветам душата моја на светите и небесни созерцанија, кога врховниот Ум ме грабна одовде за да ме однесе далеку од сѐ што е телесно..., од тој ден очите мои се заслепени од Троичната светлина, чиј сјај го надминува сето она што мислата може да ѝ го претстави на мојата душа, бидејќи Светата Троица Своето неискажливо зрачење, кое е заедничко на Троица, го простира врз сите нешта од Нејзиниот возвишен престол.

 

Едни принесуваат на Бога сребро и злато, други нежни свилени ткаенини, а трети излеваат чисти капки солзи – некои пак, сами себеси се принесуваат како непорочна жртва пред Христа.

 

Да го отфрлиме земното изобилие и да го придобиеме небесниот спокој! Да го исползуваме само полезното на земјата, да ги искупиме своите души со милостина, да дадеме од својот имот на бедните, да придобиеме небесно богатство! На давај сѐ на телото, дај делче и на душата; не давај сѐ на светот, дај дел и на Бога; одземи нешто од стомакот и посвети го на духот; спаси нешто од огинот и вложи во вечноста; дај нешто и на Оној, од Кого си добил многу повеќе; дај дури и сѐ на Оној, Кој ти дал сѐ!

 

 

 

Св. Јован Златоуст

 

 

Да се молиме со внимание и чесно, искрено и срдечно. Со молитвата да го пронајдеме пристапот кон Бога. Со неа дише душата, таа го засладува животот, таа ги намалува страданијата, таа ги збратимува народите, таа е пат кон вечноста!

 

Има ли нашто повозвишено од Крстот? Има ли нашто пополезно за нашите души? Да не се срамиме од името на Крстот и со смелост да го почитуваме, бидејќи преку него сме повикани кон спасение и преку него се насочуваме кон вечен живот. Да го проповедаме Крстот и да ја исоведаме нашата вера во Бога. Таа вистина нека се распространи по целата вселена, па така и неверните да поверуваат во Крстот и да се спасат.

 

Присоединувањето со Светите Тајни е примање на Царот над царевите во душата, а каде што Царот влегува и стапнува, таму треба да има посебна чистина, срдечна љубов, длабок мир, искрена вера, синовска предаденост. Тогаш и Царот е задоволен и слугата радосен!