За причестувањето со Светите Тајни
 
 
 
 
 

За причестувањето со Светите Тајни (13.02.2011)

Благодарение на Светата Тајна Причест ние во облик на леб и вино ги вкусуваме вистинското Тело и Крв Христови и така се соединуваме со Него. За Светата Тајна Причест човекот треба да се подготви со молитва, пост и покајание. Оваа Тајна се извршува во храмот за време на Литургијата. Болните можат да се причестат и дома, тогаш свештеникот ги носи Светите Дарови во Дарохранилница. За време на причестувањето со Светите Тајни човекот треба да има побожни чувства: трепет и Божји страв. Меѓутоа, понекогаш сме ладни и расејани и многу заради тоа паѓаат во униние. Не треба да се паѓа во униние. Човекот треба да се смири и да мисли дека засужил таква состојба. Кажи си: „Што сум заслужил, тоа и сум добил! Поради моите гревови Господ не ми дава радост; слава Му на Бога за сѐ!“ Издржи го тоа со трпение и не очајувај, туку труди се да се поправиш.

Некои луѓе, побожни и ревносни во духовниот живот, Господ ги испитува: не им дава радост – и за тоа треба да Му се благодари на Бога. Господ подобро од нас знае што ни е од корист: на едни им праќа благост и утеха за да ги поткрепи и охрабри, а на други не им го дава тоа, затоа што тие во секоја ситуација исто треба да Го љубат и проверува дали се такви. Третите ги остава без утеха поради гревовите. Во секој случај не треба да се паѓа во униние.

Немој да мислиш дека Бог те отфрлил, дури и ако не чуствуваш желба да Му служиш, но секогаш труди се да Му угодиш со иста сила. Не се занимавај повеќе со себе отколку со Божјите дела, препушти Му се, и во тоа ќе најдеш радост и блаженство.

Кога човекот невнимателно се однесува кон делото на своето спасение, кога си остава место за себе, од причестувањето со Светите Тајни добива повеќе слабост отколку оздравување. Ако после причестувањето бдееш над себе, над своите склоности и ако ги употребиш за угодување на Бога, ќе останеш во побожност и во радосното чувство кое си го добил причестувајќи се.

Некои не сакаат да се причестат после болни и стари луѓе, се плашат дека ќе се разболат. Внимавајте на гадливоста, тоа е многу голем грев. Свештениците во парохиите каде што нема ѓакони и ѓаконите во други парохии и манастири ги употребуваат останатите Свети Дарови и живеат во добро здравје до длабока старост. Гадливоста покажува дека човекот има слаба вера. Затоа треба да Му се моли на Бога за Господ да му ја зголеми и крепи верата.

Тешко му е на човекот да гледа како некои болни старици и душевно болни со сите сили се трудат заедно со децата први да ѝ пријдат на Чашата на Животот. Се буткаат и причестуваат без страв во Бога... Душевно болните често претставуваат соблазна за другите. Тие ги плашат некои од луѓето и има случаи кога верник се подготвува да се причести, но заради нив не ѝ пришол на Чашата. Ова се однесува и на други болни, посебно на оние многу стари. Благоразумните и благочестиви стари лица, ако чувствуваат дека им е лошо, седат мирно некаде на страна, се молат со страв, а на Чашата ѝ приоѓаат последни, иако во црквата нема многу верници. Ете, тоа е побожност. И така самите добиваат голема полза за душата и телото, и на другите не им пречат. Така прави и ти, чедо мое, така се добива смирение, Божји страв и благочестивост.

 

схи-игумен Сава Псковско-Печерски