Поуки
 
 
 
 
 

Поуки (23.02.2011)

Иако не си таков, каков што треба да бидеш, не смееш да очајуваш. Веќе доволно лошо е тоа што си згрешил. Зошто уште би Му грешел, сметајќи Го, во своето незнаење, за немоќен? Дали Тој, Кој заради тебе сѐ премудро создал, не може да ја спаси твојата душа? Доколку овој факт, како и Неговото воплотување, само ја зголемува твојата осуда, тогаш покај се. Тој ќе го прими твоето покајание, како што го прими и покајанието на блудниот син (Лука 15, 21) и на блудницата (Лука 7, 37-50). Меѓутоа, ако не можеш да се покаеш и грешиш од навика, дури и тогаш кога тоа не го сакаш, покажи ја кроткоста на митникот (Лука 8, 13). Тоа е доволно да го осигура твоето спасение, бидејќи оној, кој греши и не се кае, но не очајува, со самото тоа се смета себеси за најбеден и нема да си дозволи да осуди друг. Попрвин ќе се воодушевува на Божјото милосрдие и ќе Му благодари на својот Добротвор, а може да добие и многу други благослови. Иако човекот е таков, поради своите гревови, потчинет на демонот, сепак тој, од страв кон Бога, нема да го послуша непријателот, кој ќе се обиде да го фрли во очај. Заради тоа, тој има удел во вршењето на богоугодно дело. Таквиот човек е благодарен, трпелив, има страв од Бога, не осудува, па нема ни да му се суди. Сите тие се важни добродетели. За истото зборува и свети Јован Златоуст, кога кажува за пеколот. Тој мисли дека пеколот ни е од поголема корист отколку Царството небесно, бидејќи многу, од страв од пеколот, се удостоиле со Царството небесно. Пеколот нѐ исполнува со страв, Царството нѐ заштитува со љубов, а во двата случаи нѐ спасува Христовата благодат. Оние над кои се нафрлиле многу душевни и телесни страдања, ако претрпат до крајот и не се предадат на невнимателност и очај, ќе се спасат.

 

Трпеливото поднесување на неволјите го уништува очајот кој ја разорува душата. Тоа ја учи душата дека треба да се утеши, а не да биде жалосна пред многуте битки и страдања.

 

Ако човекот постојано се сеќава на Бога, тој ќе биде радосен. И псалмопејачот Давид пее: се сетив на Бога, и се развеселив (Псал. 76, 4), бидејќи кога умот ќе се развесели сеќавајќи се на Бога, тој заборава на маките од овој свет, се надева на Него и повеќе не е загрижен, ниту вознемирен.

 

На камен ѕида само оној, кој ќе ги отфрли својата волја и своите мисли, и ќе се принуди точно да ги сфати и доследно да ги извршува Божјите заповеди, односно, да живее по примерот на заветот на нашиот Господ. Почетокот на спасението лежи во тоа, да ги оставиме сопствените желби и размислувања и да ги следиме Божјите. Тогаш во целиот свет нема да се најде предмет, место или слично кои во тоа ќе нѐ спречи.

 

Општи дарови се четирите стихии и сѐ што од нив доаѓа, како и сите прекрасни и страшни Божји дела, изнесени во Светото Писмо. А посебни се оние, кои Бог ги дава лично на секој човек: дали богатство заради милостина, или сиромаштија заради трпење со благодарност; дали власт заради законска сила и утврдување во добродетелите, или потчинетост и робување заради брзо спасение на душата; дали здравје заради помош на немоќните, или болест заради венец од трпение; дали разум и способност за добивка заради добродетел, или немоќ и неумешност заради покорна смиреност... Сѐ ова, иако изгледа спротивно едно на друго, сепак е наменето за добро. Должни сме на Бога да Му благодариме за сите дарови и со трпение и надеж сите да ги прифатиме, бидејќи сѐ што Бог ни дава и допушта, е во корист на нашето спасение.

 

Никој нека не чита она, што не Му е угодно на Бога. Ако пак, во незнаење прочита нешто такво, што побрзо нека се потруди да го избрише од сеќавањето со читање на Божји дела, и од нив токму оние, кои најмногу служат за спасение на неговата душа, според ситуацијата во која се наоѓа... Книгите кои се спротивни на тоа, никако да не се читаат. Зошто би било потребно да се прима духот на нечистиот, наместо Светиот Дух? Кој со какви зборови се занимава, ќе ги добие особините на тие зборови, иако неискусните не го гледаат тоа, како што го гледаат оние, кои имаат духовно искуство.

 

Христос е скриен во Евангелието. Оној, кој сака да Го најде мора да го продаде целиот свој имот и да го купи Евангелието, за не само да Го најде Христос со читање, туку за да Го прими во себе со подражавање на Неговиот живот во светот.

 

Црквата со добра и угодна на Бога цел ги прифатила песните и разните тропари заради немоќта на нашиот ум, за ние, неразумните, да бидеме привлечени од блажината на псалмопеењето, дури и против сопствената волја да Го воспеваме Бога. Оние, кои можат да ги разберат и внимателно да ги проценат зборовите кои ги изговараат ги обзема умиление, и така, како по лествица, се искачуваат во блажени мисли. По мера на напредувањето во навикнување на Божјите мисли, во нас се јавува желба за Бога и нѐ повлекува да го достигнеме она, што Господ ни заповедал: да го разбереме во духот и вистината поклонувањето на Отецот.

 

Ништо не е подобро од тоа, да се спознае сопствената немоќ и незнаење; и ништо не е полошо од тоа, истото да не се разбере.

 

Во созданието не постои ништо лошо, ниту случајно. Дури и кога се случува нешто спротивно на Божјата волја, тоа чудесно се претвора во нешто добро. На пример, падот на сатаната не бил Божја волја, но им помогнал на оние, кои сакале да се спасат.

 

Сите ние исто примаме благослов од Бога. Меѓутоа, некои од нас примајќи оган од Бога (односно Неговиот збор) стануваат меки како восок од пчели додека некои стануваат тврди како камен.

 

Свети Петар Дамаскин