Сите христијани: свештенството, монаштвото и мирајните треба да се молат со името на Исус Христос (16.03.2011)
„Твојата молитва ќе ти ја покаже состојбата во која се наоѓаш.
Богословите кажуваат дека молитвата е огледало на монахот.“
Свети Јован Лествичник
Името Исусово како молитва треба секогаш да се изговара од страна на сите верни со умот и со устата. Кога стоите, или одите, или одморате, секогаш изговарајте ја, присиливајќи се на тоа. Човекот ќе најде голема радост и мир во неа. Такво е искуството на сите оние, кои ја практикуваат молитвата. Бидејќи ова дело е над сите останати во нашиот живот, монасите кои се наоѓаат сред врева, мораат да се занимаваат барем некое време со ова најголемо дело.
И воопшто, сите ние би требало да ја имаме како образец оваа молитва, која дејствува со нејзината сила – било да се работи за свештеник, монах или мирјанин. А посебно монасите, кои се зарекле на ова дело, имаат уште повеќе потреба од оваа молитва. Според тоа, секогаш да се стремиме кон оваа дејствувачка молитва и да Му се молиме на Бога без да престанеме.
Нема проблем, и да се појават скитање на мислите и збунетост во умот, не треба да бидеме невнимателни, бидејќи непријателот напаѓа и за миг нѐ совладува. Во истиот момент да се вратиме на молитвата и да ѝ се вратиме со радост!
Ракоположените нека бидат трудољубиви во своето апостолско дело, нека го сметаат за Божествено проповедање и нека го вршат со љубов и страв пред Бога. Оние, кои се во светот треба да ја имаат Исусовата молитва како печат и знак за верата, како заштита и осветување. И со силата која ја примаат од оваа молитва нека го победуваат секое искушение.
Сите ние, ракоположените како монаси или свештеници, се соединуваме со Христос во нашите срца и штом ќе се разбудиме од спиење, веднаш се сеќаваме на Христос! И тоа е почеток на секоја добра замисла и жртва во Христа, бидејќи секогаш мораме да мислиме за нашиот Христос, Кој нѐ спаси и Кој нѐ љуби.
Преку ова ние сме христијани и така се нарекуваме. Ние сме се облекле во Него преку Крштението и сме биле запечатени со Светото Миро и сме Го примиле Неговото Свето Тело и Крв. И така сме станале делови од Него, од Неговиот Храм!
Заради ова нам ни е потребно постојано да Го љубиме и да се сеќаваме на Него.
Секој од нас нека најде време според своите можности и нека се посвети на молитвата како што треба.
Свети Симеон Солунски