Поуки
 
 
 
 
 

Поуки (25.05.2011)

Поради големата слобода човечката душа се расејува и разлева по светот; меѓутоа, кога животните случки ќе ја стеснат, тогаш под тој промислен притисок таа упатува нагоре чиста и усилна молитва за поткрепа. Затоа Псалмопејачот вели: Кон Господа повикав во маката своја, и Он ме услиши (Псал. 119, 1).

 

Постот е туѓ за злопамтењето. Оние кои ги држат во своето сеќавање огорчувањата и злото што им било направено, макар и да постат, и да се молат, слични се на луѓе кои црпат вода и ја налеваат во дупната бочва. Бог не ги прима молитвите на човекот кој го помни злото на брата си.

 

Чеда, потрудете се да бидете чистосрдечни во животот и искрени кон луѓето; не држете едно на срце, а друго на јазик – таквото поведение е лукаво и подло. Бидете правдољубиви, никого не прогонувајте, на никого не се одмаздувајте – тоа е угодно на Бога.

 

Господи на чистотата, очисти ја нашата слобода, таа сама по себе е матен извор. Се восхитувам на слободата на човековата волја! Таа е силна, но и соборлива; таа е господарка, но и робинка; има можност да победува, но сака и да отстапува; и иако е слободна, таа се оддава на ропство.

 

Да разгледаме и размислиме што е подобро: светот да го спечалиме или Бога да Го придобиеме? Да станеме наследство на Бога за да Го наследиме! Човекот, како и Творецот, се возвисени и стојат над сè. Ако не ја придобиеме својата душа и Бога, тогаш, и целиот свет да го спечалиме, сме се изгубиле себеси.

 

 

О, неизмерна е длабочината на Божјата добрина и долготрпение! Покрај сите зла кои се вршат, Бог трпи и не се одмаздува. Тоа се случува не оти не може да Го открие Својот гнев и да нè казни за секое зло веднаш, туку затоа што, како Татко, носи болка во срцето за Своите чеда, Го чека нивното вразумување и ја простира сè пошироко Својата милост, за преку неа да се посрамиме како блудниот син во туѓата земја и спокојно да се вратиме во домот на својот Отец.

 

Некои се фалат бидејќи разговараат со големци, кнезови и кралеви, а ти фали се со тоа што во текот на читањето беседиш со Светиот Дух, бидејќи низ Светото Писмо зборува Светиот Дух.

 

Ако забележиш дека брат ти греши, кога ќе се сретнеш со него немој да го презираш и во своите мисли да го сметаш за грешен, зашто не знаеш, можеби откако си се оддалечил од него, тој после својот пад направил нешто добро и со воздишки и солзи Го смилостивил Господ.

 

Слушај го оној кој вели: Кој мисли дека стои, нека внимава да не падне (1. Кор. 10, 12), и: Зошто, не оној кој сам се фали е достоен, туку оној когошто Господ го фали (2. Кор. 10, 18) бидејќи, многумина си мислеле дека го достигнале врвот и раководеле, но станале последни, додека очајни луѓе примале благодат, зашто Бог се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат (Јак. 4, 6).

 

Опасно е човекот да се потпира на самиот себе, бидејќи ќе се спасат оние кои се надеваат на Бога.

 

Без смирение залуден е секој подвиг, секое воздржание, секое послушание, секое одрекување и секаква ученост.

 

На сите укажувај им чест заради Господ. Не барајќи ја за себе, ќе ја најдеш благодатта кај Него.

 

Бог од нас бара само одлучност, а Самиот ни дава сила и победа: Тој е заштитник на сите кои се надеваат на Него (Псал. 17, 30).

 

Размислувај и сè прави со цел да Му угодиш на Бога, бидејќи ако во тебе нема таква мисла, секое твое дело ја губи вредноста.

 

Неопходно е со напор да се предадеме на секој добар потфат, труд и подвиг за да му поставиме препрека на својот непријател. Ако така правиме, Господ, гледајќи го нашиот духовен подвиг, според Своето човекољубие, со силата на Духот непрестајно во нас ќе врши големо исцелување од тајните страсти, одмаздувајќи им се на нашите непријатели.

 

Оние кои во потполност Му се предале на Бога, треба да ги исполнуваат сите заповеди во согласност со своите сили, бидејќи е очигледно дека пред сите е поставена една цел на побожност, односно според верата и ревноста за сите добродетели да се удостоиме да се исполниме со Светиот Дух и да стекнеме совршено ослободување од страстите, што значи, очистување на срцето, кое кај душите на верните и побожните го остварува Духот Кој осветува. Затоа секој нека се посвети на доброто сообразно со мерата на неговата љубов кон Бога. И на крај, оној кој сака непрестаjно да се моли, нека пребива во молитва.

 

Ако напредокот на ближниот го сметаме за сопствена добивка или недостатокот на другите го признаеме како своја загуба, како што е речено: Не грижете се секој само за себе, туку и за другите (Фил. 2, 4), на тој начин, страдајќи еден за друг ќе бидеме во состојба да го исполниме законот Христов, како што објаснил свети Павле: Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов (Гал. 6, 2).

 

Некој од светите рекол: „Размислувај за доброто, за да не мислиш за злото и умот да не биде празен“. Затоа да го посветиме својот ум на поучување во Божјите зборови, молитва и добри дела, бидејќи занимавањето со суетни дела раѓа лоши дела, а занимавањето со добри дела раѓа добар плод.

 

 

Свети Ефрем Сирин