За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (25.05.2011)

Блаженопочинатиот Старец сметаше дека некои работи се неопходни, како предуслов, за напредување на монасите.

Првата е послушание, а другата доследно исполнување на духовните обврски, т.е. востановеното ќелијно правило, осамена молитва и редовно учество во заедничките богослужби.

Бидејќи многумина, разбирајќи погрешно, мислат дека духовните подвизи се однесуваат само на монасите, блажениот Старец секогаш нагласуваше дека тие се однесуваат на сите христијани што живеат во подвиг, според силите на секого од нив.

Старецот кон клириците беше строг, во таа мера што одбиваше да ги исповеда оние свештеници кои не ги исполнуваа секојдневно востановените служби, дури и кога немаше луѓе во храмот. Тој велеше дека свештеникот, како пастир, со молитвата бдее над својата паства. На оние што не можеа да доаѓаат во храмот им препорачуваше во своите домови секојдневно да го читаат поредокот на дневното богослужение, но освен тоа да служат Литургија и во другите денови, а не само во недела, доколку е тоа возможно.

Можам да кажам дека во светот има уште свештеномонаси, негови духовни деца, кои, подражавајќи го својот учител, служат секој ден во текот на целата година.

На оние, пак, што се посветија на делото на умната молитва им препорачуваше дел од богослужбите, или цела богослужба, да ги заменат со правилото на бројаница, непрестајно повторувајќи го најслаткото име на Господ Исус Христос. Не е мал бројот на неговите духовни деца што заблескаа во делото на умната молитва, и на Света Гора и надвор од неа.

За некој од небрежните да не помисли дека овие нешта денес не постојат, особено во светот, подвлекувам дека познавам конкретни личности кои според учењето на Старецот успеваа секојдневно да се молат, „од рани зори“, по 3 - 4 часа, не вклучувајќи ги вечерните и други молитви. Исто така, познавам браќа кои по благословот на Старецот стекнаа навика непрестајно да ја повторуваат молитвата, било со умот, било шепотејќи.

Постојат и такви семејства кои макар два пати дневно исполнуваат дома заедничко богослужение, и задолжително повечерие и акатист.

Познавам многу луѓе што успеаја да ги навикнат и своите деца на молитвата, така што и телевизорот го исфрлија од дома, како пречка во духовното напредување. Во врска со она што доаѓа од телевизорот еден брат ми го кажуваше следното:

„Не само што преку телевизорот со емитување на несоодветни содржини се расипуваат нашите деца, туку уште повеќе се растура заедницата на семејството. Со толку копнеж се враќам од работа дома за конечно малку да му се порадувам на семејството. И што гледам! Едниот на еден канал го гледа Мики Маус, другиот фудбал, а понекогаш се емитуваат и грозотии од секој вид. Ги загадуваат и децата и возрасните. Помислив дека единственото решение е да го исклучам телевизорот. Но, сега се плашам за децата. Ако се побунат, може да нè снајде и нешто полошо. Ако излезат од дома и ако јас изгубам контрола над нив, ќе биде Бог да чува. Ако се заплеткаат со дрога, расипништво итн., сосема ќе пропаднат. Бог нека помогне со Својата рака.“

Болката на овој брат е општа болка. Блажениот Старец затоа и ги советуваше родителите децата од мали да ги навикнуваат на молитва, исповед, одење во црква, често причестување, пост, но и на практични добродетели: послушание, почит, работа, учење, колку што можат. На тој начин децата сами стануваат богонаучени, се смируваат, послушни се на родителите, примаат совети и лесно е да ги убедиш дека телевизорот е штетен.

Старецот на таков начин во многу семејства успеа да го заживее тој дух до таа мера што децата копнежливо очекуваа таткото да се врати од работа за сите да ручаат со молитва, пред и по јадењето, а потоа да го прочитаат повечерието и акатистот кон Пресвета Богородица. Потоа, откако ќе се поиграат и порадуваат со таткото, учат, а потоа легнуваат да спијат, за наутро да станат на време и да се помолат па да одат на училиште. Еве, таквите семејства се благословени и среќни.

Сепак, сѐ додека го носиме ова тело и живееме во светот, како луѓе, млади и стари, потпаѓаме под разни промени, и добри и лоши.

Еднаш се пожали некој од духовните деца на Старецот, дека едно од трите деца што ги има, Јанакис, почна да се оддалечува, иако до петнаесетата година многу напредуваше во духовниот живот и никогаш не отсуствуваше од црква, а сега во сабота навечер останува касно со друштво и во недела спие до пладне. Старецот го охрабри, велејќи му:

„Кога евангелското семе ќе падне на земја, не се искоренува толку лесно. Твоето дете сега минува низ искушение. Во неговите години се одвива сурова борба на материјата со духот. За сега тегот се навалува кон материјата. Ова значи дека Бог бара нешто повеќе од родителите. Со вашата молитва вие ќе додадете тег на десната страна за вашето дете повторно да се воздигне. Така е тоа. Се дополнуваме еден со друг во она во што заостануваме. Ја кажуваш ли секоја вечер молитвата на која те научив?“

„Да, старче. Сега уште повеќе. Но, сега, во искушението со детето, што да кажувам?“

„Кои молитви читаш?“

„Секоја вечер читаме сопругата, јас и останатите деца, понекогаш доаѓа и Јанакис, повечерие со акатист. Сега со сопругата решивме да додадеме и молебен кон Богородица. Наутро стануваме 2 - 3 часа пред да појдеме на работа и ја кажуваме молитвата на бројаница, како што ме научи.“

„Бог нека те благослови. Јанакис ќе те направи богоносец. Можеш ли и повеќе да се молиш, или ти е тешко?“

„Не, старче, тоа ми е утеха. Откако ја кажувам молитвата 2 - 3 часа, во себе и со устата гласно, на крајот не можам веќе. Почнувам да плачам. Паѓам на земја и го кажувам она за кое Христос ме просветлува. Често ми доаѓа цело време да кажувам: Јанакис мој, Христе мој, Јанакис мој, мојата светлина, Те молам, Христе мој, мојот Јанакис. Откако доволно ќе се исплачам, спокоен заминувам на работа, со внатрешна надеж дека Бог нема да го остави моето дете да се изгуби.“

„Ех, зарем не ти кажав дека Јанакис ќе те доведе во ред? Знаеш ли колку такви случаеви имам, кога родителите по повод некое искушение научија сами да се молат, а со своето трпение ги придобија и другите? Ќе ти раскажам една случка за да се восхитиш. Еднаш, додека бев во Новиот скит, една жена ми напиша писмо: Оче Харалампиј, те молам, помоли се за мојот маж. Во последно време касно се враќа дома, и не само тоа, туку и спрема мене неубаво се однесува. Ќе се разведе од мене, а имаме две деца. Почнав да се молам за сите нив на Литургија и на бројаница. А на жената ѝ напишав: Договорено, но моли се и ти. Ние овде бдееме 8 - 9 часа секоја вечер. Потруди се и ти, колку што можеш. Ѝ напишав и како да ја кажува молитвата и да го чита акатистот кон Богородица секој ден.

И таа брзо ми одговори: Правам сѐ што ми напиша. Од првиот ден почуствував во себе големо олеснување. Сега не се грижам. Сѐ Му препуштив на Бог. После неколку дена стигна и друго писмо. Пред да одговорам и трето, па четврто, итн. На крајот ми напиша: Ах, оче Харалампиј, колку е животот сладок покрај нашиот Господ Христос! Да знаев да станам монахиња! Но, и сега, да ги немам и мажот и децата! Ми доаѓа една помисла: и кога мажот би решил да ме остави, колку тоа би било добро. Ќе живеев, макар и дома, како монахиња. Јас ѝ одговорив: Значи, ти разбра колку е убав монашкиот живот, но засега не размислувај за таа работа. Се омажи? Сега, ќе го носиш крстот на бракот. Продолжи да се молиш, па нека биде што е волјата Божја, Он знае да ги нареди работите.

Не се сеќавам зошто ја прекинавме оваа преписка, но сѐ додека ми пишуваше напредуваа и таа и нејзините деца. На крајот, кога нејзиниот маж доаѓаше порано од ноќниот живот, таа се жалостеше и си велеше во себеси: Зошто ноќеска дојде порано и ми го расипа дружењето со мојот Господ?

Гледаш како Господ Христос ги менува работите, кога сакаме? Христос бара повод во некоја болест, случај, во некое искушение за сите да нѐ приведе кон Себеси. Да видеше само кога нè заробија Бугарите, каква чиста молитва, какви солзи, каква посветеност! (Старецот со нему својствен хумор рече: Додека не нѐ отпуштија, замалку сите ќе станевме богоносци!)“.

Некој од браќата, го слушна разговорот во врска со спомнатата жена, па го запраша Старецот: „Старче, што се случи со мажот на таа жена?“

„Додека се допишувавме, уште не се беше покајал. Меѓутоа, верувам дека нешто се случило. Таа жена имаше голема молитва. Не може да биде поинаку, нејзината молитва кога тогаш ќе го допре“.