Свети Григориј Ниски: Поуки
 
 
 
 
 

Свети Григориј Ниски: Поуки (29.05.2011)

Ги набљудуваш промените на ветровите, а не го свртуваш погледот кон воскресението; ги знаеш годишните времиња, а ја оставаш без внимание промената на животот; сакаш од својот слуга отчет за неговите дела, а ја пренебрегнуваш власта на Бога; правдата не ја запазуваш, на добродетел не се учиш, кон молитвата си немарен! Тоа не е својствено на словесно суштество, туку на твар што ја изопачила словесноста во безумие.

 

Подобието на Бога не е наше дело и преку човечка сила не се достигнува. Тоа е голем Божји дар, кој се придава на нашата природа веднаш по првото раѓање. На човековиот труд му претстои само да ја очисти нараснатата од грев нечистотија и да ја извади на светлина убавината скриена во душата. Мислам дека на тоа нѐ учи и Господ во Евангелието, каде што вели: „...Царството Божјо е внатре во вас“ (Лука 17, 21).

 

„Браќа, не сакам да не знаете за умрените, за да не жалите како и другите што немаат надеж“ (1. Сол. 4, 13), зашто, единствено на неверните им е својствено да ја ограничуваат надежта за живот само со сегашниот живот. Тие ја сметаат смртта достојна за оплакување, бидејќи за нив не постои надежта во тоа во што ние веруваме.

 

Дојдете да се возрадуваме во Господа, Кој ја уништи силата на непријателот и го воздигна заради нас големото победоносно знамение – Kрстот!

 

Откако дознавте за плодовите од смирението и штетата од гордоста, подражавајте Го Владиката и љубете се помеѓу себе. Дејствувајќи во добро едни со други, не плашете се ниту од смртта, ниту од каква било казна. По оној пат по кој Бог чекореше меѓу нас, одете и вие кон Бога, кон горниот призив, љубејќи Го Бога и љубејќи се меѓусебно.

 

Од сѐ најпотребно ни е да бидеме упорни во молитвата, бидејќи таа е своевиден предводник на целиот хор од добродетели. Преку неа од Бога ќе ги измолиме и останатите.

 

Што е тоа што Господ го нарекува Царство Божјо, кое е во нас? Зар така не ја нарекува радоста која ја раѓа во душите Светиот Дух? Бидејќи таа е подобие и залог на вечната радост, каква што светите ќе вкусат во векот кој го чекаме.

 

Свети Григориј Ниски