Какви треба да бидат христијаните според словото Божјо
 
 
 
 
 

Какви треба да бидат христијаните според словото Божјо (07.11.2011)

Христијаните треба да живеат како Христови ученици, усогласувајќи се со тоа што води кон Христа: „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши“ (Мат.11,29). Христијаните се словесно стадо на Исуса - затоа треба да Го слушаат гласот на својот сопствен Пастир и само по Него да врват: „Моите овци го слушаат Мојот глас и Јас ги познавам; и тие одат по Мене (Јован 10,27). Христијаните се лози на Христовото лозје, затоа по живот во Него треба да се вкоренети, во Негово име да принесуваат плод, сè да прават и да имаат што е својствено и достојно за Христа: „Јас сум лозата, а вие прачките“ (Јован 15,5). Христијаните се членови од Христовото тело - затоа, во секое дело треба да бидат совршени, според повелбите на Господа и даровите на Светиот Дух, во согласност на Главата, која е Христос: „Зар не знаете, дека телата ваши се Христови членови?“ (1 Кор. 6,15). Секој христијанин е невеста Христова - затоа, тој треба да ја пази чистотата во сè, според единствената волја на Младоженецот: „Зашто ве обручив за маж, за да ве претставам пред Христа, како чиста девица“ (2. Кор. 11,2). Христијаните се Божји храмови - затоа, треба да се свети, чисти и исполнети само со тоа што припаѓа за служба на Бога: „Вие сте храм на живиот Бог“ (2. Кор. 6,16). Христијанинот треба да постане чиста и непорочна жртва за Бога, Кој во сите свои членови и својства чува здраво благочестие: „Ве молам подајте ги телата ваши во жртва жива, света и благоугодна на Бога, и тоа ќе биде вашата духовна служба“ (Рим. 12,1).

             Христијаните се чеда Божји и затоа е неопходно да се преобразат во образот на Бога, доколку е можно, според мерката на човечките дарби: „Чеда мои, кои пак со мака ве раѓам, додека не се изобрази во вас Исус Христос“ (Гал. 4,19). Што треба да биде својствено на христијанинот? „Верата, којашто дејствува преку љубовта“ (Гал. 5,6). Какво е својството на самата вера? Несомнена убеденост во вистинитоста на боговдахновените слова, која не ќе се разнишува од никакво сомневање, од каде и да доаѓа тоа. Какво е пак својството на верниот? Да поседува таква тврда убеденост, дека не се обидува ништо да додаде или отстрани од својата вера! Што е пак, својствено на Бога од страна на христијанинот? Да Го љуби, да ги исполнува Неговите заповеди и да ја почитува Неговата слава. Што е својствено на љубовта кон ближниот? Да не ја бара својата полза, а ползата на ближниот. Уште што е неопходно за христијанинот? Да се очисти од секаква скверност на духот и телото, да твори светост со страв Божји, да служи на љубовта Христова, да постане свет и непорочен, та така, да ги прими телото и крвта Христови за спасение! Од сè, најважно за христијанинот е - да биде секогаш готов да Го пречека Господа, зашто никој не го знае часот на Неговото доаѓање.

 

Св. Василиј Велики