Богојавление (19.01.2012)
Како што луѓето, кои го изгубиле својот вид, имаат потреба од спроводници, за да не паднат од незнаење во некоја јама и да пострадаат, така и луѓето, на кои очите на духот им се помрачени, имаат потреба од наставници во благочестието и верата, зашто, поради своето незнаење, ќе паднат во бездната на злобата и ќе загинат. Во древноста, целиот човечки род страдал од духовно слепило, затоа Го изоставил вистинскиот Бог и се поклонил на лажни богови. Лекарот на телата и душите, им ги дал на луѓето законот и пророците, за да го излекува нивното слепило и да ги раководи во познание на Бога. Меѓутоа, тие го отфрлиле лекарството на законот и пророците – ги затвориле очите и ги затнале ушите, за да не се обратат кон Господа! Божјиот Син, Исус Христос, откако видел, дека грешноста на луѓето не се излечила преку законот и пророците, Самиот слегол од небото; се родил од Света Дева Марија, го посрамил ѓаволот преку Својот крст, ја пленил потоа смртта, преку Своето воскресение дарил мир на блиски и далечни и сите ги довел до познание на тоа, дека Он е Бог. „Смрт, каде ти е осилката? Пеколу каде ти е победата?“ (1. Кор. 15,55). Тоа е дар и блаженство за луѓето од Бога!
Присуството на земниот цар, каде и да е, доставува радост и задоволство за присутните околу него. Овде, пак, присуствува небесниот Цар, слезен од небото на земјата, затоа треба да се радуваме не само ние, кои присуствуваме на Неговото јавување, но треба со нас да торжествува и целата земја. Ако при изгревот на сонцето, сè се осветлува – при изгревот на Сонцето на правдата не ќе ли се просвети секоја душа?! Мислено да застанеме пред Јордан и да го видиме Таинството, кое се извршува во него! „Морето виде и избега; Јордан се врати назад“ (Псал. 113,3). Да го видиме Јован, кој го извршува крштението над Оној, Кој ги зема врз Себеси гревовите на светот. Да Го видиме и Отецот, Кој одозгора сведочи за преславното снисходење на Својот Син. Да Го видиме и Духот Свет, Кој слегува во вид на гулаб и застанува врз Посведочениот. О, преславни чудеса на преславниот Цар! Како гнилежната рака, која се допрела до главата на целата вселена, не се обгорила? Кој видел и кој чул некогаш, сено да се допре до оган и да не биде повредено од пламенот? Навистина блажена и трипати блажена е таа фиданка на Захарија и Елисавета!
Блажени сме и ние, кои Го гледаме Единородниот Син Божји, Кој е Светлината на светот, која го распрснува мракот на ноќта – делата на темнината. Блажени сме и ние, дека ќе ги видиме нашите телесни рожби и духовно да изгреваат од светиот купел, подобно да ѕвездите небесни, и наполно да се приопштат кон светата Црква, О, Оче, и Слово, и Духу Свети, троична суштино, и сила, и волја, и дејствие, удостој нè нас, кои ги исповедуваме Твоите неслиени и неразделни ипостаси – лица, да застанеме од десната страна, кога ќе настапи страшниот и праведен суд на целата вселена!
Св. Јован Златоуст