СМИРЕНИЕ
 
 
 
 
 

СМИРЕНИЕ (20.01.2012)

Блажени се оние луѓе, кои успеале во подражавање на смирената земја која, иако е газена од сите, сè издига со својата љубов и сите грижливо ги храни, како добра мајка што ни дала организам за нашето тело при создавањето. Земјата, исто така, со радост прима сè што врз неа ќе фрлиме, од благородни плодови до нечисти отпадоци, кои, нечујно ги преработува во витамини и изобилно им ги пренесува и на добрите и на злите.

Како што се гледа, смирениот човек е најсилен човек на овој свет. Победува и носи туѓо бреме на својата совест, а живее запоставен и обесправен поради туѓите грешки кои ги примил од љубов, а внатре доживува најголема радост, зашто со ова од него се оддалечил овој суетен свет. Навредите, неправдите итн., се најголемите хируршки резови за оние кои згрешиле, зашто со ова ги исцелуваат своите рани. А за оние, кои не згрешиле многу, е меч на џелатот и за маченици се сметаат оние кои ова радосно го прифаќаат, од љубов кон Христа.

Возрасните, во зрели години, кои не ги примаат навредите и критиките за да се исцелат и да добијат награда, понеразумни се од мали деца кои не сакаат да го послушаат лекарот, зашто се плашат од инјекција и трпат кашлица и температура.

Поголема благодарност им должиме на оние кои нè прободиле и го исфрлиле трњето од нашата душа, отколку на оние кои копале по нашата душа и откриле скриено богатство.

Не вреди да си ги кршиме колената од многу метании, ако паралелно преку смирение не се смени нашата личност (севкупното битие).

Оној кој проси смирение од Бога, а не го прима човекот когошто Бог му го испратил поради смирение, не знае што бара, зашто добродетели не се купуваат како продукти во бакалница (колку килограми сакаме), туку Бог ни испраќа луѓе за да се испитаме, да се потрудиме да стекнеме добродетел и со неа да се овенчаме.

Оној, кој смирено се покорува и прима удари од другите, ги отстранува своите отоци, духовно се разубавува како ангел и така поминува преку тесната врата на рајот.

Блажен е човекот кој се ослободил од своите отоци и оди по трнливиот пат Господов со туѓо бреме (клевети, навреди итн.) и ги остава луѓето слободни со своите обвинувања да му плетат невенливи венци. Тука се покажува изворното смиреноумие, кое не испитува што велат луѓето, туку, што ќе каже Бог во денот на судот.

 

Старец Паисиј Светогорец