Пасхалната Тајна
 
 
 
 
 

Пасхалната Тајна (14.04.2012)

Празникот Пасха за нас претставува не само ден во кој се спомнува настанот што се случи пред околу два милениума, туку и празник што пред нас ја разоткрива тајната на идното обновување на созданието. Како што старозаветната Пасха беше „нејасен предобраз на предобразот“ (св. Григориј Богослов) т.е. на Воскресението Христово, така и сегашната Пасха, новозаветната Пасха, е предобраз на идното сеопшто воскресение, кога „ќе се причестиме посовршено и почисто, кога Словото со нас ќе пие ново вино во Царството на Отецот (Мат. 26, 29), откривајќи и предавајќи ни го она што денес ни го јавува делумно“ (св. Григориј Богослов). „Овде Пасхата трае еден ден и поминува, а онаа е непрестајна Пасха, каде што нема болест, тага, ни воздишки, каде владее радост, веселие и утеха вечна, каде се слуша гласот на оние што празнуваат и се гледа ликот на оние што торжествуваат и каде што е светлината присносуштна, каде што е блажената гозба Христова и трпезата преисполнета со вечни блага, и новото питие“ – за што Христос рече: И вам ви велам, оти отсега нема да пијам од овој лозов плод сè до оној ден кога ќе пијам нов со вас во царството на Мојот Отец (св. Теодор Студит). Таа вечна Пасха им се открива на оние што сегашната Пасха духовно ја празнуваат, оние на кои „им е битен не долниот Ерусалим, туку Горната митрополија – градот не од војски разрушуван, туку од ангели прославуван“ (св. Григориј Богослов). Влегувањето во овој горен Ерусалим е „премин и восход од долното кон Вишното, во Ветената земја“, „воскресение на душата што е нејзиното враќање кон Бога“ (св. Григориј Палама). Ова „воскресение на умртвените души се случува уште сега т.е. пред воскресението на телото, а воскресението, пак, на телото ќе се случи во оној ден“ (св. Макариј Египетски).

Токму кон ова духовно воскресение, обнова на нашите души, нè повикува Црквата на великиот и радосен ден на Светлото Христово Воскресение. „Денес дојде спасение за светот, видлив и невидлив! Христос воскресна од мртвите – востанете со Него и вие; Христос е во Својата слава – издигнете се и вие; Христос стана од гробот – ослободете се од оковите на гревот! Отворени се адските порти, уништена е смртта, Новиот Адам го замени стариот: И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина ете, сè стана ново (2 Кор. 5, 17); обновувајте се!“ (св. Григориј Богослов)

 

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА ОД МРТВИТЕ

СО СМРТТА СМРТТА ЈА ПОБЕДИ

И НА ОНИЕ ВО ГРОБОВИТЕ

ЖИВОТ ИМ ПОДАРИ!