Пасхалната радост
 
 
 
 
 

Пасхалната радост (20.04.2012)

Пасхата помина и заврши празникот, но радоста или, ако сакате, празнувањето не помина. Затоа што ние треба секогаш духовно да се радуваме и да празнуваме, според зборовите на апостолот: „Секогаш радувајте се во Господа, и пак ви велам: Радувајте се“. И Страдалната седмица помина, но сеќавањето на страдањата на Христос нашиот Спасител треба секогаш да  е ново и живо во нас. Ние треба секогаш да се сеќаваме дека Господ на Славата за нас се распна и беше погребан и воскресна во третиот ден. Совоскреснувајќи нѐ и соживотворејќи нѐ и нас со Себе за така живи да не живееме за себе, туку за Оној Кој за нас умре и воскресна и така со смелост да можеме да ги изговориме зборовите на апостолот: „И јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси Се предаде за мене“. Заклучокот од наведената тајна е дека треба да бидеме мртви за светот и живи за Бога.

 

Според тоа, и после Пасхата ние треба да сме трезвеноумни и добри, да се молиме и да се држиме до умилението, да лееме солзи и да се просветлуваме, умирањето на Господ Исус секогаш телесно да го носиме, секојдневно доброволно да умираме, секогаш мислено да се раздвојуваме од телото и да одиме кон Бога преку оддалечување од телесното мудрување. Немој да речеш: „Сега не е Четириесетница“. Зашто, за трезвеноумниот секогаш е Четириесетница. Немој да речеш: „Јас остерев со добродетелите и не се плашам“. Затоа што, стравот од промени и пад никогаш не треба да нѐ напушта, бидејќи сатаната многу од тие кои остареле со добродетелите ги турна во јамата на гревот. „Затоа кој мисли дека стои, нека внимава да не падне“ и оној кој мисли дека е добро заштитен нека пази да не биде оставен без никаква заштита. Кај вас секогаш нека има претпазливост, внимание и така и во сонот, и во јадењето, и во пиењето и во сѐ останато, телото секогаш нека биде под присила и воздржание. Во спротивно, тоа ќе потскокнува како ждребе и ќе нѐ турне во бездната на гревот.

 

 

Свети Теодор Студит