Секој кој сака да Го следи Исус Христос треба да се држи до следниве совети:
 
 
 
 
 

Секој кој сака да Го следи Исус Христос треба да се држи до следниве совети: (01.05.2012)

   1. Никако немој да обрнуваш внимание на тоа како живеат другите грешни луѓе ниту да се оправдуваш со нивниот пример, и немој, како многу други, да велиш: „Па што да правам? Јас не сум единствена личност која така живее ниту сум единствен кој не се грижи за Христовите заповеди, бидејќи така прават речиси сите“. Но, дури и ако навистина знаеш дека сите кои живеат околу тебе, па и оние кои би требало да бидат пример за добродетелност и побожност, не живеат на христијански начин, како може тоа да ти биде оправдување на тебе? Нивната вечна погибел нема да те спаси тебе. На Страшниот суд нема да се одбраниш со тврдењето дека ти не си единствен кој живеел грешен живот на земјата. Затоа, не е твоја работа дали тие се на патот за Царството небесно или не се – тоа не треба да те засега. Внимавај на себе и на она кое Бог ти го доверил. Ние често гледаме како луѓето грешат, но тешко некогаш да ги видиме како се кајат и чистат од своите гревовите; ете зошто може толку лесно да згрешиме во врска со тоа дали некој од нашите ближни Го следи Христос или не;

     2. Многу луѓе, можеби дури и најблиските и најдрагите, ќе ти се потсмеваат затоа што одиш по овој пат. Не обрнувај внимание на тоа и не се грижи. Имај на ум дека тие со тоа Му се потсмевале на Исус Христос; но Тој не покажал непријателство кон нив, туку молчел и се молел за нив. И ти треба да постапуваш на потполно ист начин;

     3. Има многу образовани луѓе кои не гледаат колку е потребен патот кон Царството небесно кој ни го покажа Исус Христос, Синот Божји, па велат дека може и без тој пат да се достигне Царството небесно, и дека тој пат не е за сите, туку само за некои. Но ако сретнеш таква личност и таа почне да ти дава совети – не ја слушај; дури и ако слезе ангел од небото и ти каже дека не е неопходно да одиш по патот по кој одеше Христос – ни него не го слушај. Но немој да се задеваш со такви лажговци и противници; подобро сожали ги и помоли се за нив;

     4. Ако непоколебливо Го следиш Исус Христос, можеби ќе наидеш на луѓе кои ќе те мразат заради Божјите зборови, луѓе кои ќе те клеветат, навредуваат и презираат. Но ти трпи и издржи. Радувај се и скокај од среќа тогаш кога ќе примиш каква било навреда или прекор во име на Христос, зашто голема е твојата награда на небесата;

     5. Кога вистински одиш по тој пат, самиот ѓавол ќе застане против тебе и ќе те искушува со разни исушенија; тој ќе ти предлага лоши мисли, или сомнеж против самата верата и откриената вистина, или, пак, само ќе богохули. Не се плаши од него, зашто ѓаволот не може ништо да направи без Божјо допуштање; потребно е само да се молиш на Бога и ѓаволот ќе одлета од тебе како стрела;

     6. Треба да имаш на ум дека она што изгледа корисно и правилно, и што навистина е такво, не треба да му смета на вистинскиот христијанин. Тоа се однесува, пред сѐ, на напорната работа, која не само што не претставува препрека за спасението на душата, туку дури ѝ е од корист. Добро е познато дека неработењето е мајка на гревовите. На пример, што е тоа што ги предизвикува луѓето да станат пијаници? Неработењето. Кои луѓе се крадци и разбојници? Неработниците. И така натаму... Со сигурност може да се каже дека личноста која ништо не работи и нема ништо, нема на што да се посвети, дури и ако прави добра, таа е лош христијанин и лош граѓанин; и ако не е голем грешник, тоа е така само затоа што Бог посебно се грижи за неа. Значи, биди вреден, навикни се на работа и на напорите кои таа ги бара, и прави сѐ што е неопходно за твојот дом, како и сѐ што претставува твоја должност кон царот и татковината. Ако неработењето е мајка на гревовите, трудољубивоста може да се нарече татко на добродетелите. И тоа на прво место, затоа што вредната личност секако има помалку гревови, зашто едноставно нема време не само да прави зло, туку дури ни да размислува за злото; бидејќи таа или работи и е зафатена со извршување на своите обврски, или е преокупирана со своето спасение и со своите христијански должности. Друго, ова е точно поради тоа што личноста која се навикнала да биде вредна побрзо ќе прифати да тргне по патот кон Цраството небесно отколку личноста која живее без работа; така, трудољубивиот човек полесно оди по патот за Царството небесно од оној кој е мрзлив. Работливоста е корисна секогаш и секаде. Но за да бидете вредни, морате уште од детството да се научите и навикнете на работа;

     7. Постои уште една добродетел, исто така важна како и трудољубивоста, на која треба да се научите и навикнете дури и пред трудољубивоста. Тоа е трпението или издржливоста. Трпението секогаш и во сѐ е корисно; но за личноста која сака да оди во Царството небесно, трпението претставува најнеопходна добродетел. Без трпение на тој пат не може да се напредне ниту чекор, зашто на секој чекор ве очекуваат непријатности, тешкотии и препреки.

     Значи, научете се и навикнете се на трпение, најпрво телесно, а потоа и духовно. Тогаш во исто време, полесно ќе бидете и корисен член на општеството, и добар пријател, и добар домаќин, и добар граѓанин, па и добар христијанин.

     Сега ви набројав сѐ што сметам дека држи во врска со патот кон Царството небесно. Само треба да додадам како личноста која ревносно оди по тој пат, за секој напор, за секое страдање, за секоја победа над себе и секое себесовладување, за секое добро дело, па дури и за секоја добра желба и намера, ќе биде наградена седумдесет пати по седум, дури и во овој живот; а што ја очекува таму, тоа не може да се опише или замисли. Значи, не плашете се да Го следите Исус Христос. Тој е силен Помошник. Без колебање побрзајте кон Него. Одете додека сѐ уште се отворени за вас дверите на Царството небесно. Дури и ако сѐ уште сте далеку, нашиот небесен Отец ќе ви излезе во пресрет на патот, ќе ве целива, ќе ви даде да облечете најубава облека, и ќе ве внесе во Својата брачна одаја во која Тој Самиот живее со сите свети пророци, апостоли, маченици и сите светии, и каде ќе се радувате со вистинска и вечна радост. Но, кога дверите на Царството ќе се затворат за вас, односно ако умрете без покајание и добри дела, колку и да сакате и колку и да се обидувате да влезете внатре, нема да бидете примени. Ќе тропате на вратата и ќе велите: „Господи, отвори ни! Те познаваме, крстени сме во Твое име, повикани сме со Твоето име, дури со него и многу чуда направивме“. Но Исус ќе ви одговори: „Не ве познавам, вие не сте Мои! Одете си од Мене во вечениот оган кој е подготвен за ѓаволот и неговите ангели“. Тогаш ќе има плач и чкрипење со заби.  

 

Свети Инокентиј Московски