За благодатта (19.05.2012)
Благодатта на Човекољубецот Бог е една, но без оглед на тоа, таа делува врз верните на различни начини.
Во оние кои само што започнале со покајанието и не се избавиле од страстите, таа делува закрепнувачки, за да не бидат малодушни и да не отстапат.
На оние кои веќе напреднале и силно се подвизуваат, таа, појавувајќи се повремено, им дава храброст во тешкотиите.
Оние кои уште повеќе напредуваат во праксата и ги скротиле чувствителните страсти, таа ги просветлува со Божествена светлина.
А кај оние кои со најголема грижа ги чуваат сетилата од неразумни и страсни влијанија, умот во значајна мера им се просветлува со Божествената светлина; благодатта раководи со нивните помисли, така што нивниот мислен избор и постапки секогаш се разумни и богоугодни.
Непознатата и воодушевувачка за човековата логика тајна, како што кажуваат светите Отци, кога умот со најголемо внимание ги скротува тенденциите и движењата на сетилата спротивни на разумот, логосот на духот и животот, зауздувајќи ги, пронаоѓа мир во нив, и тогаш благодатта доаѓа на власт над умот кој владее, и се соединуваат тие два совршени принципи, со што го прават совршениот човек целина.
При целосно покајние, кога привременото е погазено со дело и умот заедно со Божествената благодат го запечатуваат Воскресението, настапуваат чувства и знаења спротивни на природата, и со самото дело започнува служењето на полнотата на Црквата.
Иако благодатта е една, таа живее во своите садови, осветените души, на различни начини и дава „секому според дарот“. На еден му дава премудрост, на друг поведение и дар да богослови, на трет дар за пророштва, на четвртиот дар да исцелува, на петтиот дар да служи; секому според потребите, заради устројување на црковната полнота. И денес, а не само во она време, продолжува и делува ветувањето на нашиот Господ, дека никогаш нема да нѐ остави сами.
Тие состојби, кои се своевидна форма на духовниот напредок на оние кои внимателно ја чуваат совеста, се бескрајни; но и тие кои ги доживуваат, не можат да ги контролираат истите, „за преголемата сила да Му биде припишана на Бога, а не нам.“
На некои, кога е целисходно, преку Божјата благодат им се даваат виденија. И сепак, оној кој поминува низ таа состојба, не може да ја контролира: кога, како и колку. Тоа обично се случува благодарение на молитвата, но не тогаш кога тоа го сака оној кој се моли.
Човекот никогаш не може асолутно да го контролира дејството на благодатта, бидејќи постојат одредени граници кои се поставени со Божја промисла и кои се речиси непроменливи. Ние имаме право да молиме, но не и да наредуваме. Спасението на човековата душа е Божја волја.
Старец Јосиф Ватопедски