Значењето и суштината на молитвата
 
 
 
 
 

Значењето и суштината на молитвата (29.05.2012)

Колку е неизмерно голема честа на човештвото, кое може да ја отвора својата уста пред Господ, да разговара со Него, да Го моли за своите потреби, да Му благодари за добрите дела, да Му славослови за Неговата неискажлива големина и да биде уверено дека таа жртва на благодарност и славословија Му е угодна на Бога, дека духовните молби за спас на нашите души секогаш се исполнуваат. Колку човекот во овој однос е неизмерно издигнат над сите созданија. Ниту едно создание не добило од Бога таква чест, иако и тие имаат јазик со кој ги изразуваат потребите на својата природа, зашто е речено дека и пилињата на гавранот Го фалат Господ. Ќе ја користиме таа голема чест за да заслужиме уште поголеми почести и повисока позиција од Господ. Таму на небото е нашата полна слава, а овде се само нејзините почетоци, кои се јавуваат кај големите христијани.

Молитвата е вознесување на умот кон Бога, созерцување на Бога, решителен разговор на созданијата со Творецот, стоење на душата пред Него со стравопочит како пред Цар и Самиот Живот, Кој на сите им дава живот; заборавање на сѐ што нѐ опкружува заради Него, храна на душата, воздух и светлина, нејзина животворна топлина, очистување на гревовите, благ Христов јарем, Негово лесно бреме. Молитвата е постојано чувство (сознание) за својата немоќ и духовното сиромаштво, осветување на душата, предвкус на идното блаженство, ангелското блаженство, небесен дожд, кој ја освежува, напојува и ја прави плодоносна земјата на душата, сила и моќ на душата и телото, освежување и очистување на мислениот воздух, просветлување на лицето, веселба на духот, златна врска, која го соединува созданието со Творецот, бодрост и храброст во сите неволји и искушенија во животот, светило на животот, успех во делата, рамноангелско достоинство, утврдување во верата, надежта и љубовта. Молитвата е заедница со ангелите и светиите, кои од памтивек Му угодија на Бога. Молитвата е поправање на животот, мајка на срцето кое се кае и солзите, силен поттик за дела на милосрдие, сигурност во животот, уништување на стравот од смртта, пренебрегнување на земните богатства, желба за небесни богатства, очекување на Судијата на целиот свет, општото воскресение и животот во идниот век; засилена грижа за избавување од вечните маки, непрестајно барање милост (помилување) од Владиката, одење пред Божјите очи, блажено исчезнување пред претсоздавачкиот и сеприсутниот Творец, жива вода за душата. Молитвата е љубовно сместување на сите луѓе во срцето, слегување на небото во душата, вселување на Пресвета Троица во срцето, според реченото: „ќе дојдеме во него, и во него ќе се населиме“.

Молитвата е доказ за мојата разумна личност, мојата боголикост, залог за моето идно обожение и блаженство. Јас сум создаден ни од што, јас сум ништо пред Господ, како оној кој ништо нема; но по Неговата милост сум личност, имам разум, срце, слободна волја и со својата волја и разум можам со искрено обраќање кон Него постепено во себе да го зголемувам  Неговото бесконечно Царство, постепено сѐ повеќе и повеќе да ги умножувам во себе Неговите дарови, да црпам од Него како од постојан неисцрпен Извор на различни духовни и телесни дарови, особено духовни. Молитвата во мене предизвикува убедување дека јас сум Божја икона, дека со смирение и благодарно расположение на својата душа пред Господ, со својата слободна волја, јас, бесконечно умножувајќи ги духовните Божји дарови, исто така можам бесконечно да се усовршувам и до бесконечност да го зголемувам моето богоподобие, моето небесно блаженство, за коешто сум определен. О, молитвата е знак на моето големо достоинство, со кое ме удостои Создателот. Но, таа истовремено ме потсетува на мојата ништожност (јас сум создаден од ништо, немам ништо свое и затоа за сѐ Го молам Господ), како и за своето најголемо достоинство (јас сум Божји образ, јас сум обожен, јас можам да се наречам Божји пријател како Авраам, таткото на верните, со што несомнено ќе верувам во битието, добрината и семоќноста на мојот Бог и ќе се вподобувам во Него со дела на љубов и милосрдие, целиот мој живот).

Треба да се моли заради непоколебливата и цврста увереност на срцето, дека сѐ, и нашите души, и нашите тела, со нивната благосостојба и неблагосостојба, и целиот наш имот, и сите ситуации во животот, ги имаме од Бога, од Неговата моќ, а не од природата, не случајно, не од нас самите. Ако не се молиш на Бога, наскоро со срцето ќе Го заборавиш Добросоздателот, Творецот и Господ на сѐ, а со Неговото заборавање ќе западнеш во секакво зло. Ете гледаш дека молитвата секогаш донесува суштинска полза.

Господ е толку милосрден и никогаш не се гнаси од нашата молитва, туку секого милостиво го прифаќа и она што не е совршено во неа Сам го поправа, само за да Му се обраќаме искрено и целосно да не Го заборавиме.

Затоа Господ бара од нас постојано обраќање кон Него во молитва, за нас, чедата Свои, кои подивевме од гревовите и се оддалечивме од Него да нѐ привлече кон Себе, да нѐ исчисти и да нѐ свие во прегратката на Својата љубов, за да ни покаже, дека нам секогаш ни е добро со Него. Така и добрите родители постапуваат со своите палави деца.

Постојаната топла молитва нѐ доведува до најискреното и најцврсто уверување за бесмртноста на нашата душа и за блаженството на оној невештествен век: зашто целата благост на молитвата човекот ја црпи од Светиот Дух; целата сила ја прима од Него, исто како и, по Неговата благост, од Божјата Мајка (Таа Која ја спасува нашата душа од беда; успокојува, радува, оживува), од ангелите и светиите.

 

Старец Паисиј Светогорец