За молитвата (16.06.2012)
Светиот Дух може да се добие со молитвата. Тоа е наједноставното и најсигурното средство, кое му стои на располагање на секого. Добро е познато дека молитвата може да биде надворешна и внатрешна. Кога некој прави појасни или земни поклони со телото, дома или во црква, тој се моли на надворешен начин; а кога некој се обраќа кон Бога со сето срце и душа и се труди секогаш да Го има во мислите, тој се моли со внатрешна молитва. Која од овие молитви е подобра, поефикасна и поугодна на Бога, тоа го знае секој од нас. Вие, исто така, знаете дека можете да Му се молите на Бога во кое било време и на кое било место, дури и кога ќе ве порази гревот. Можете да се молите кога сте на работа и кога сте слободни, на празник и во обичните денови, стоејќи, седејќи и лежејќи. Сето тоа ви е познато. Но, овде треба да се каже дека иако внатрешната молитва е најмоќното средство за примање на Божјата благодат, ние не треба да се одречеме од надворешните молитви, особено заедничките. Многу велат: „Зошто да одам во црква? Можам да се молам и дома“. Што мислите, зошто луѓето зборуваат така? И дали тоа е точно и вистинито? Се разбира дека не е! Туку мрзливоста и гордоста ги поттикнуваат така да зборуваат. Се разбира, за жал понекогаш се случува човекот да згреши тогаш кога е во црква. Но не затоа што оди во црква, туку затоа што не оди со вистински дух, не оди заради милитвата, туку од сосема други побуди. Всушност, погледни ги оние кои од спомнатите причини не одат во црква. Дали се молат дома? Воопшто, не! Ако некој и се моли, во повеќето случаи станува збор за фарисејската молитва, бидејќи овие нивни молитви можат да се изразат токму со оние зборови кои ги употребил фарисејот: „Боже, Ти благодарам што не сум како другите луѓе: разбојници, неправедни, прељубодејци“ (Лука 18, 11). Значи, одете во црква и земете учество во заедничките молитви, молете се и дома пред светите икони и не обрнувајте внимание на расудувањето на рационалистот.
Кажано е дека личноста која Го нема Светиот Дух во себе, не може вистински да се моли. Тоа е потполно точно. Треба да вложиме голем напор и многу да се намачиме за да бидеме во состојба да се молиме со светата молитва. Ние не можеме одеднаш или набрзина да ја достигнеме онаа состојба кога нашите мисли и срца слободно се воздигнуваат кон Бога. Не само нам, обичните луѓе, туку и на многу други кои целиот свој живот го посветиле на молитвата, им се случувало да ги насочат своите молитви кон Бога, па да ги најдат расеани во различни насоки и посветени на други работи – ти сакаш во своите мисли да Го имаш Бога, а ти доаѓа нешто сосема друго, понекогаш и страшно.
Вистинската молитва носи со себе слатка утеха во срцето, затоа многу свети Отци и денот и ноќта ги поминувале со неа и во своето тихување не приметувале колку долго трае таа молитва. За нив молитвата не е напор, туку задоволство. Но не е лесно да се достигне таква состојба, посебно за некој кој од детството им се препуштил на своите страсти, потиснувајќи ја својата совест. Но, што на светот, која наука или уметност, или која утеха ја добивеме лесно, брзо и без напор? Затоа молете се, без оглед на фактот што во текот на молитвата не чувствувате никаква утеха или задоволство, туку само напор; молете се внимателно, сосредоточено, вежбајте се во молитвата и во комуникацијата со Бога; пробајте што повеќе да можете да се соберете и да ги контролирате своите расеани мисли, па малку по малку ќе почувствувате како тоа ви станува сѐ полесно и потоа ќе доживеете чудесни утехи. Ако сте искрени и се молите од срце, Светиот Дух, Кој ги гледа вашите напори и искреноста на вашите желби, набрзо ќе ви помогне; потоа ќе се всели во вас и ќе ве научи да се молите со вистинска молитва.
Најлесно ни е да се молиме во неволјите и страдањата; затоа да не ги пропуштаме ваквите прилики, туку да ги искористиме и преку молитва да ја излееме својата тага пред Господ.
Исус Христос ни заповеда да се молиме непрестајно. Многумина велат: „Како можеме постојано да се молиме кога живееме во светот? Ако целото наше време го искористиме за молитва, кога ќе работиме и ќе ги извршуваме задолженијата кои ни се доверени?“ Се разбира, ние не можеме да се молиме постојано на надворешниот начин: тоа значи дека не можеме секогаш да стоиме на молитва, бидејќи работиме и имаме други обврски. Но кога некој ја чувствува својата духовна болест, тој непрестајно ќе се моли дури и додека ги извршува своите задолженија; оној кој навистина сака да влезе во Царството небесно, ќе најде време и повод, и за внатрешна и за надворешна молитва. Ревносната душа ќе најде време да Му се моли на Бога и да Му се поклони и за време на најтешките и најмакотрпните работи. Само оние кои не сакаат да се молат, не можат да најдат време за молитва.
Исто така, велат дека Бог не ги слуша грешниците, што значи дека грешните не го добиваат од Бога она што го бараат. Тоа е точно. Но кои грешници не ги слуша? Оние кои Му се молат, а не мислат да се променат; или оние кои бараат од Бога да им ги прости нивните гревови, додека тие самите не сакаат ништо да им простат на другите. Бог навистина не ги слуша таквите грешници и не сака да ги исполни нивните молитви. Затоа кога се молите на Бога за простување на вашите долгови, самите простете ги долговите на другите, па ќе добиете разрешување на своите гревови. Ако сакате Бог да биде милостив кон вас, бидете милостиви кон другите, и тогаш Бог ќе ви го исполни тоа.
Некои мислат дека можеме да се молиме само според книгите. Се разбира, добро е ако можете да се молите и да Го прославувате Бога со псалмите и духовните песни. Но, ако не можете да читате, доволно е да ги знаете најважните молитви, посебно Господовата (Оче наш), бидејќи во таа молитва, која ни ја даде Самиот Исус Христос, се изразени сите наши потреби. Но кога околностите не дозволуваат да се молите со долга молитва, тогаш молете се кратко: „Господи, помилуј ме!“ или „Боже, помогни ми!“ или „О, Господи, исчисти ги моите гревови“ или „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот!“
Свети Инокентиј Московски