Осветување на работата
 
 
 
 
 

Осветување на работата (29-06-2012)

Секој човек треба со својата молитва, со својот начин на живот да ја осветува својата работа; таа преку него да се осветува. Но, ако е сопственик, па има и поголема одговорност, треба духовно да им помага на своите вработени. Кога, на пример, кај еден занаетчија ќе дојдат млади да го научат занаетот, тој треба паралелно да им помага да живеат духовен живот. Тоа ќе биде од духовна полза и за него и за неговите чираци, но и за неговите муштерии, бидејќи Бог ќе ја благослови неговата работа.

Секој позив може да се осветува. Лекарот, на пример, не треба да заборави дека Божјата благодат е таа што му помага во медицината. Затоа нека се трудат да станат преполни со неа. Лекарот кој е добар христијанин, паралелно им помага на болните и со своето знаење и со својата добрина и вера, бидејќи ги бодри преку верата да се соочат со болеста. Ако се работи за сериозна болест, може да му рече на болниот: „До тука помагаше науката. Оттука па натаму,   само Бог, Кој прави чуда“.

Или учителот. Тој треба да се труди својата педагошка работа да ја работи со радост и да им помага на децата во духовното препородување, зашто сите родители немаат способност за тоа, колку добра волја и да имаат. Паралелно со буквите кои ги учат децата, треба да се грижи тие да станат благочестиви луѓе. Инаку, за што ни служат буквите? На општеството му се потребни исполнителни луѓе, кои без разлика со што ќе се занимаваат, истото треба добро да го работат. Учителот не треба да се грижи само за тоа учениците добро да ја научат лекцијата, туку да ги има предвид и останатите добри особини кои децата ги поседуваат, како што се благочестивоста, добрината... Божјите оценки не се секогаш во согласност со тие на учителот.

Свети Серафим Саровски