Што подразбираме под зборот православен? (02.07.2012)
Набрзо откако Христовото учење почнало да им се проповеда на незнабожците, антиохиските Христови следбеници почнале да се нарекуваат христијани (Дела 11:26). Зборот христијанин се однесува на оние кои го носат ова име, кое Му припаѓа на Христос; во смисла на оддаденост (верност) на Христос и на Неговото учење.
Христовите следбеници со задоволство се нарекувале со името на својот љубен Учител и Господ, а и непријателите на Христос ги нарекувале Неговите следбеници христијани, пренесувајќи ги на нив лошата намера и омраза, кои биле насочени против Христос.
Меѓутоа, набрзо се појавиле луѓе, кои, иако се нарекувале христијани, не биле со христијански дух. За нив уште порано Христос рекол „Не секој кој Ми вели: ‘Господи, Господи’, ќе влезе во небесното Царство, туку оној кој ја исполнува волјта на Мојот Отец небесен“ (Матеј 7, 21).
Христос, исто така, прорекол дека многу ќе се претставуваат со Неговото име: „зашто многу ќе дојдат во Мое име, говорејќи: ‘Јас сум Христос’“ (Матеј 24, 5). Апостолите во своите посланија укажале дека лажни носители на Христовото име веќе се појавиле во нивното време: „како што сте чуле дека ќе дојде антихристот, уште сега се појавија многу антихристи“ (1 Јован 2, 18).
Посочувале дека оние кои отстапувале од Христовото учење, не треба да се сметаат за свои: „Тие излегоа од нас, но не беа наши“ (1 Јован 2, 19). Предупредувале против карањето и неслогата (1 Кор. 1, 10-14), и во исто време строго им заповедале на своите ученици да ги избегнуваат оние кои не го носат со себе вистинското учење (2 Јован 1, 10). Господ, преку даденото Откровение на апостолот Јован Богослов, строго ги обвинува оние кои се нарекуваат верници, а не се однесуваат во согласност со своето име; бидејќи тие лажат.
Каква била ползата од тоа што човекот себеси да се нарекувал Евреин, старозаветен следбеник на вистинската вера, кога на дело не бил таков? Светото Писмо таквите ги нарекува синагога на сатаната. Затоа христијанин е само оној кој го исповеда вистинското учење за Христос и кој живее во согласност со истото. Обележјето на христијанинот се содржи во славењето на небесниот Отец со сопствениот живот. „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата“ (Матеј 5, 16).
Вистинското славење на Бога е можно само тогаш кога човекот правилно верува и ја изразува својата вистинска вера преку зборовите и делата. Според тоа, вистинското христијанство, единствено тоа може да се нарече православие (ортодоксија).
Со зборот православен, ние ја исповедаме цврстата убеденост дека нашата вера е токму таа, која го претставува вистинското Христово учење. Кога некого или нешто нарекуваме православен, со самото тоа укажуваме на неговото не-лажно и не-расипано христијанство, во исто време отфрлувајќи ги оние кои лажно го присвојуваат Христовото име.
Свети Јован Шангајски