Постепено поправајте се и со смирение никогаш не очајувајте!
 
 
 
 
 

Постепено поправајте се и со смирение никогаш не очајувајте! (23.07.2012)

Послушајте ме. Не ја смутувајте својата душа заради тоа што сте немоќни и што не се поправате. Се разбира, вие можеби мислите дека не се поправате, но се надевам дека по малку се поправате во она за што не сте свесни, а тоа е доволно. Тоа себепоправање не е големо, но може да биде доволно за спасение. Ќе ви посочам само нешто за што не сте свесни, а ви се случува повремено:

-          Ако некогаш некому направите милост – ќе бидете помилувани;

-          Ако сострадате со оној кој страда – ќе се втемелите во мачениците;

-          Ако му простите на оној кој ве навредува, тогаш не само што ви се простуваат гревовите, туку и станувате чеда на небесниот Отец;

-          Ако дури и малку со покајние се помолите за спасение, ќе се спасите;

-          Ако се укорите себеси, преземете вина и се осудите пред Бога за гревовите за кои ве потсетува совеста, и за тоа ќе бидете оправдани!

-          Ако пред Бога ги исповедате своите гревови, плата за тоа ќе ви биде простувањето;

-          Ако се нажалите заради своите гревови или дојдете во умиление, или заплачете, или воздивнете, ни тоа издишување нема да остане скриено од Него: „Не е скриена од Него“, вели св. Симеон Нов Богослов, „ни една солза, ниту дел од солзата“. А св. Јован Златоуст вели: „Ако и малку се нажалиш заради гревовите, Господ тоа ќе го прими како причина за твоето спасение“.

Гледате ли колку работи сте поправиле, а не сте знаеле за тоа. Затоа, за вас е подобро најпрво да се пофалите со слабостите, а не да се насладувате со своите поправања.

Нив нека ги мери нашиот праведен Наградодавец, а ние да се грижиме само за своите гревови и секогаш да се каеме поради нив; да се потрудиме за да ни бидат простени.

 

Преподобен Мојсеј Оптински