Од беседата за блаженствата
 
 
 
 
 

Од беседата за блаженствата (27.09.2012)

Потребно е да знаеме дека целта на Христовите блаженства е човек да чекори напред и да постигне боговподобување. Тоа боговподобување не е надворешно, не е природно, не значи дека треба да го слушаме она кое Христос го правеше и ние надворешно да го вршиме истото; туку тоа означува вселување на Божјото Слово, на самиот Христос, во срцето на човекот. Тоа се случува реално, онтолошки, а не вообразено. Кога човек ја има во своето срце благодатта на Светиот Дух, Христос, тогаш тој може да функционира на вистински начин. Христовите блаженства и заповедите, сета педагогија и учење на Црквата ја имаат таа смисла – да се исцели човекот, да му се помогне да функционира на вистински начин, како што и Бог во почетокот го создаде и го постави во рајот. Знаеме дека Бог е нашиот Првообраз. Ние сме образи (ликови) на Бога. Создадени сме од Бог, врз основа на Бог. Со други зборови, ние сме образи на Бога – „по образ“ денес би се рекло „според сликата на Бог“, то ест Бог создаде суштества, слични на Него – Божји образи со потенцијал да се соединат со Него.

Знаеме дека со паѓањето се изобличи нашето природно создавање. Бог останува нашиот Првообраз, но ние, бидејќи ранети, имаме многу изобличени состојби и болести во животот. Во Црквата ја започнуваме духовната борба, не за да си ги спасиме душите во јуридичка смисла, то ест да прелетаме од котелот во рајот, туку за да го исцелиме нашето битие, нашиот персоналитет, нашата личност и да продолжиме напред кон општење и соединување со Бога, Кој е нашето почетно предназначување и утврдување на нашето битие. Таа е нашата цел. Ако тоа не се случи во нашиот живот, тогаш работите секако функционираат на болен начин и нашата ипостас е несовршена, односно сè уште ја немаме пронајдено целта на нашето битие. Како што рековме и претходно, еден од главните елементи на личноста, на постоењето на Бог – поточно специфичниот белег на движењето на Бог кон човекот – е всушност милостивото расположение. Зашто и од Светата Литургија и од Светото Писмо знаеме дека Самиот Бог се нарекува милостив. Ние добивме заповед да станеме богови. Добивме можност, власт, заповед, покана од Бог да се вподобиме на Него, бидејќи сме Негови чеда. Според тоа, ако не сме милостиви, не можеме да личиме на Него.

Што се однесува до милостината – добро, надворешно некој ќе рече дека се изразува во тоа да дадеме овде-онде по некој денар, или стари алишта... Вообичаено, откако сме ги износиле алиштата, наместо да ги фрламе во контејнерот за ѓубре, ги даваме да бидат испратени на некое друго место, кај бедните. Додека похристијански би требало да биде обратно. Да ги дадеме убавите алишта, а да ги носиме оние кои се за фрлање.

Милостивото расположение е всушност расположението карактеристично за Бог. Тоа движење е големата љубов. Лесно е да кажеме, но треба и да сфатиме како се случува ова, како човек може да се доведе во оваа состојба.

Во принцип треба да се научиме да не ни поминуваат незабележани настаните од животот. И кога го велам тоа, не мислам на црните настани - да се фаќаме за нив правејќи ги уште поцрни отколку што тие се, и да паѓаме во депресија - туку да се научиме да го забележуваме океанот на Божјото милосрдие во нашиот живот. Ако научиме да имаме добри помисли, правилна проценка и чисто око, тогаш сите нешта во нашиот живот во краен случај стануваат добри дела. Ова е докажано – од зборовите на светителите, но и од секојдневниот опит. Знаете дека дури и оние работи кои луѓето ги сметаат за несреќи и трауми, дури и тие можат да донесат полза преку Божјата благодат. Илјада на сто сум сигурен, дека човекот што во животот имал трауми и многу пострадал, било телесно или душевно, кога таков човек ќе се доближи до Бога има големи услови да стане мошне вреден човек. Заради тоа отците придаваат големо значење на тоа како да се однесуваме кон искушенијата. Искушенијата се тешките  околности кои го водат човекот кон големи недоумици и тој од сите страни чувствува беспомошност, од никаде не гледа светлина – односно чувствува стегање и душевна болка, кои неверојатно го измачуваат оставајќи му траги во душата. Кога таков чоек ќе се приближи до Бога на правилен начин и благодатта ќе подејствува во него, се добива следниот парадокс: Бог, Којшто е Лекар на нашите души и тела, не само што ги лечи нашите рани, ги исцелува во смисла што никаки траги не остануваат, туку прави нешто повеќе од тоа. Што? Старите рани ги претвора во предимство.

 

Митрополит Лимасолски Атанасиј