Смирението и љубовта ги искоренуваат сите гревовни страсти од душата и телото и ја привлекуваат Божјата благодат
 
 
 
 
 

Смирението и љубовта ги искоренуваат сите гревовни страсти од душата и телото и ја привлекуваат Божјата благодат (13.01.2013)

Секогаш помнете ја главната цел во животот –  Светиот Дух. Имајте страв од Бога, чувајте ја душевната и телесната чистота, со трепет и смирение почитувајте го Божјото величество. Бегајте од нечесност и стремете се кон благочестие.

Секогаш подвизувајте се во постот, бдеењето, непрестајната молитва. Трудете се да ги исполнувате сите Божји заповеди.

Спасувајте се! Бидете добри и молосрдни, не им го правете на другите она што и самите не го посакувате. Запамтете: своето спасение го добиваме само тогаш кога не ја нарушуваме среќата на другите. Највредното кај човекот е душата. Да се слави Бог значи да не се осудува ближниот. Ако бараш помош од Господ, тогаш и ти помогни му на ближниот; ако се молиш за простување на гревовите и самиот прости му на ближниот.

Имајте мир и љубов помеѓу себе за Христос да се всели во вашите срца, но љубовта мора да биде искрена, да го бара спасението на ближниот, а не да биде лажна. Во духот на кроткоста и љубовта помагајте си едни на други и ослободувајте се од гревовите, но чувајте се од осудување и грубо разобличување. Безгранично трпете, простувајте безброј пати. Трпеливо носете си го својот крст и слабостите на другите, не паѓајте со духот и не роптајте, и за сѐ благодарете Му на Бога. Добродушното поднесување на маките и болестите и нежната грижа за болните се над постот и молитвата, и за сето ова се добива награда од Господ.

Немојте да посакувате празна чест и слава, засакајте ги смирението и кроткоста. Смирението и љубовта ги искоренуваат сите гревовни страсти од душата и телото и ја привлекуваат Божјата благодат. Во тоа и е спасението.

Најмногу плашете се и сеќавајте на смртниот час и на Второто Христово доаѓање!

Кога ќе се најдете во мака или искушенија читајте го Канонот на Исус Христос со Акатистот и Молебниот канон на Богородица.

Ниту еден ден да не помине без исполнување на Богородичното правило – 150 молитви „Богородице Дево“. Не заборавајте да го целивате крстот, наутро и навечер, за да ги осветлите своите души со зраците на благодатта.

Сакајте го Евангелието, читајте го често, сѐ што е напишано во него е слатко за срцето и спасоносно за душата.

Засакајте ја едноставноста, не мудрувајте лукаво. Внатрешната радост доаѓа преку простотата, а високоумието доведува до маловерие и неверие, и нѐ одвојува од патот на спасението.

Уште еднаш ве потсетувам: нема спасение за оној кој не се покајал во овој живот, а вистинското покајание е во чистењето на срцето од страстите и пороците. Механичкото набројување на гревовите на исповед не ја спасува душата, тоа е гордост пред Бога и хула на Светата Тајна. Почесто причестувајте се со Светите Тајни.

Последното нешто е за молитвата. Внимателно молете се едни за други, за сите кои ги познавате и за целиот свет, за сите починати кои плачат за вашите молитви, бидејќи тоа е голема помош за нивните души.

Старец Сава Псковско-Печерски