За љубовта
 
 
 
 
 

За љубовта (22.01.2013)

Да појдеме, сите ние, по заедничкиот пат, патот на Христовите заповеди, кои нѐ водат кон небото и кон Бога. Бидејќи доаѓаме од различни патишта, речено е дека Тој се разделува на многу, не заради Својата природа, туку според силите и волјата на секој поединец. Имено, поаѓајќи од многубројните и различни дела и постапки, како да тргнуваме од различни места и од многу градови, секој од нас брза да стигне во единственото прибежиште, небесното Царство. А под делата и патиштата ги подразбираме духовните добродетели на луѓето кои живееле според Бога, односно оние кои почнале да чекорат на таквиот пат, должни се да се стремат кон единствената цел, за од различните подрачја и места да се соберат, како што е речено, во еден град, во небесното Царство, и да се удостојат со заедничкото царување со Христос, покорувајќи Му се на единствениот Бог и Отец. Како град, овде би требало да се разбере еден град, а не многу – светото и неразделно тројство на добродетелите, или, подобро кажано, првата меѓу нив, која ја нарекуваат и последна, бидејќи е крајот на добрата и поголема е од сите нив. Зборувам за љубовта, врз која се темели секоја вера и се изградува секоја надеж, и без која ниту нешто се создало од она што постои, ниту пак, воопшто ќе се создаде. И многу се нејзините имиња, бројни се нејзините дела, уште побројни се нејзините особини и постои множество од нејзините Божји својства, но нејзината природа е една и за сите, без разлика, потполно сокриена – и за ангелите, и за луѓето, и за секое друго создание кое можеби не ни е непознато. Таа е недостижна за разумот, недостапна во славата, нејзините замисли се неоткриени, вечна е бидејќи е и безвремена, несогледлива, бидејќи се постигнува со умот, а не со поимите. Многу се убавините на тој неракотворен и свет Сион, и оној кој започнал да ги набљудува, повеќе не се радува на сетилните созерцувања и повеќе не е приврзан за славата на овој свет.

*     *     *

О, љубов од сите посакувана, блажен е оној кој те прегрнал, зашто повеќе нема да посака страсно да прегрне ништо земно. Блажен е оној кој те зголемил од копнеж кон Бога, бидејќи ќе се одрече од целиот свет и никако нема да се извалка, до каков било човек и да се приближи. Блажен е оној кој ја засакал твојата убавина и со бескрен копнеж вкусил од тебе, затоа што духовно ќе се освети од водата и крвта кои од тебе непорочно струјат. Блажен е оној кој жедно те прегрнал, зашто духовно ќе се промени и со душата ќе се израдува, бидејќи ти си радост неискажлива. Блажен е оној кој те има, бидејќи светските богатства ќе ги смета за трици, затоа што ти си вистинско неисцрпно богатство. Блажен е и трипати блажен оној кој ти си го примила, зашто во привидната бесславност ќе биде пославен од сите славни и чесни, и најпочитувани. Фален е секој кој се стреми кон тебе, уште повеќе е фален оној кој те нашол, а најблажен е оној кој ти си го засакала, ти си го примила, кого си го научила, кој се вселил во тебе и кого ти си го негувала со храната на бесмртниот Христос, нашиот Бог.

О, Божја љубов, каде Го криеш Христос? Зошто си Го зела Спасителот на светот и си Го оддалечила од нас? Подотвори ни ја својата врата и нам недостојните, за и ние да Го видиме Христос Кој пострада заради нас и да поверуваме дека Неговата милост, кога ја гледаме, нема да умре. Отвори ни, ти која стана врата на Неговото јавување во плот, која ја присили дарежливата утроба на нашиот Владика да ги поднесе гревовите и слабостите на сите, и немој да нѐ отфрлиш, велејќи: „Не ве познавам“. Биди со нас, за да нѐ познаеш, бидејќи сме непознати. Всели се во нас, за преку тебе и смирениот Владика да дојде и да нѐ посети, а ти да Му излезеш во пресрет (затоа што ние сме сосем недостојни), за малку беседејќи со тебе, потоа да ни дозволи и нам грешниците да паднеме пред Неговите непорочни нозе; и побеседи со Него за нашите добродетели и замоли Го да ни го прости долгот на нашите гревови, за преку тебе повторно да се удостоиме да Му служиме на својот Владика и Тој да се застапува за нас и да нѐ храни. Затоа што, состојбата на недолжење ништо и страдањето од глад и сиромаштија, безмалку донесува иста плата и казна.

Света љубов, дај ни простување, и дади ни преку тебе да ги вкусиме богатствата на нашиот Владика – добрата чија благост никој не може да ја вкуси, освен преку тебе. Бидејќи кој не те засакал како што доликува и кого ти не си го засакала колку што е потребно, може и да трча, но нема да стигне до целта. Состојбата на секој кој трча пред да се заврши патеката е нерешена. А за оној кој стигнал до тебе или кого ти си го фатила, секако нема никаков сомнеж, бидејќи ти си крајот на Законот, ти која ме опкружуваш, која ме стегаш и која од срдечната болка ме издигнуваш кон бескрајниот копнеж за Бога, и за моите браќа и отци. Затоа што ти си учителка на пророците, сопатничка на апостолите, сила на мачениците, вдахновение на отците и старците, усовршување на сите светии и моја подготовка за ова служење.

 

*     *     *

Затоа да ревнуваме, мои љубени во Христа браќа, како и сите останати, со меѓусебна љубов да Му служиме на Бога и на оној кој сте го избрале да го имате како образец, духовен отец, иако сум далеку од тоа да бидам достоен, за Бог да се радува на вашата едномисленост и восовршување, а да се радувам и јас смирениот, гледајќи како сѐ повеќе напредува вашиот живот во Бога и верата, во чистотата, во стравот од Бога, во благоверието, во смирението и во солзите, преку кои се чисти внатрешниот човек и се исполнува со Божествената Светлина, и така целиот станува исполнет со Светиот Дух, преку смирената душа и понизниот ум, а мојата радост станува ваш благослов и зголемување на нетрулежниот и блажен живот во Господ наш Исус Христос, Кому Му прилега вечна слава. Амин.

 

Преподобен Симеон Нов Богослов