Поуки
 
 
 
 
 

Поуки (30.01.2013)

Зошто е создаден човекот? За сфаќајќи што создал Бог, да Го види и прославува Создателот, Кој сѐ создаде заради човекот. А умот кој е привлечен од Божјата љубов е невидливото богатство, кое заради блажениот живот, Бог го дава на достојните.

Воздржувањето, незлобливоста, целомудреноста, трпението и слично, сме ги добиле од Бога како големи добродетелни сили. Тие им се спротивставуваат на тешкотиите кои нѐ снаоѓаат и ни помагаат. Ако се вежбаме во нив и секогаш ги имаме при рака, повеќе ништо нeма да ни биде тешко, или болно, или неподносливо, туку ќе мислиме дека сѐ што доживуваме е за човекот и дека сето тоа ќе биде победено од добродетелите кои се во нас. На ова не се надеваат оние кои се неразумни со душата, и оние кои не сфаќаат дека сѐ се случува на добар начин, онака како што треба, во наша полза, за да светнат добродетелите и Бог да нѐ овенча.

Навистина, човекот треба да се подвизува природно и да живее како што прилега. Успевајќи во тоа, тој лесно ќе го спознае она што треба да се знае за Бога. Бог промислува за оној кој во своето срце и со својата вера Го почитува и (му дава способност да) ги победува гневот и сластољубието. Имено, сластољубието и гневот се причините за сите зла.

Оние кои копнеат за добродетелниот и богољубив живот треба да се ослободат од гордоста, како и од секоја празна и лажна слава, и да се трудат околу поправањето на својот начин на живот и мислење, бидејќи богољубивиот и непоколеблив ум е подем и пат кон Бога.

Вистинските луѓе треба да се трудат да живеат богољубиво и добродетелно, за нивниот добродетелен живот да засвети помеѓу луѓето. Како што парчето порфир, зашиено на бела облека како украс, блеска и (оддалеку) се препознава, така блескаат и оние кои ревносно се трудат да се здобијат со духовните добродетели.

Благодарењето на Бога и чесниот живот се плодови со кои човекот Му угодува на Бога. Земните плодови не се раѓаат одеднаш, туку им треба време, дожд и грижа. На ист начин и човечките плодови блескаат дури после подвигот, стремежот, времето, издржливоста, воздржувањето и трпението. Ако на некои луѓе им изгледаш побожен, додека си во тело не си верувај ни самиот себеси, ниту помислувај дека со нешто си Му угодил на Бога. Знај дека на човекот, до крајот, воопшто не му е лесно да се сочува од гревот.

Размислувајќи за зедницата и општењето со Божјото, духовниот човек никогаш нема да засака ништо земно и ниско, туку умот ќе му биде сосредоточен на она што е небесно и вечно. Тој знае дека Божјата волја (како причина за сите добра и извор на вечните богатства за луѓето) е човекот да се спаси.

Никој не го гледа небото, ниту може да го разбере она што е таму, освен човекот кој се труди да живее добродетелен живот, кој размислува и Го прославува Оној Кој го создал небото за спасение и живот на човекот. Зашто, сосем е извесно, таквиот богољубив човек знае дека без Бога нема ништо. А како неограничен, Бог е насекаде и во сѐ.

Ако сакаш можеш да им бидеш роб на страстите, и ако сакаш, можеш да бидеш слободен и неподложен на страстите бидејќи Бог те создал слободен. Кој ќе ги победи телесните страсти, ќе биде овенчан со нетрулежност. Всушност, ако не постојат страстите, нема да постојат ниту добродетелите, а ни венците кои Бог им ги дарува на достојните луѓе.

Не смееме да се одлучиме за чесен и богољубив живот заради човечките пофалби, туку напротив, да го избереме добродетелниот живот поради спасението на душата, затоа што секој ден ја имаме смртта пред нашите очи – сѐ што е човечко е неизвесно.

Преподобен Антониј Велики