За постот
 
 
 
 
 

За постот (25.03.2013)

Засакај го Христовото сиромаштво за да станеш богат во Христовото Божество. Засакај го најубавиот пост – дело многу почитувано и богоугодно. Постот е кочија што вознесува на небото. Постот раѓа пророци и дава мудрост. Постот е добра одбрана на душата, сигурен состанар на телото. Постот е оружје на смелите, училиште на подвижниците. Постот ги одбива искушенијата, тој е светлина на побожниот подвиг. Постот е смелост во битките. Постот го скроти огнот и ги затвори лавовите. Постот ја вознесува молитвата на небото. Постот е мајка на здравјето. Тој е поука на младоста, украс на старците, добар сопатник на патниците.

Кај оние што постат телото е чесно и душата е драгоцена. Постот го смири Лазар во Аврамовите прегратки. Затоа и ние да го засакаме за да бидеме прифатени во Аврамовите пазуви. Да се оддалечуваме од раскошот и пијанството кои ги следи гласната смеа и мајката на блудот.

Постот е добросостојба на градот, чесност на пазарот. Постот е мир во домовите. Тој е старател и заштитник на невиноста. Постот е пат кон покајанието. Постот е извор на солзите. Постот не го сака светот, ни она што е во светот. Затоа нема да тагуваме додека постиме, бидејќи ангелите во својата Црква ги запишуваат оние кои постат. Постот не дозволува помнење на злото, а оние кои во сеќавањето го чуваат злото што им е направено, иако надворешно гледано се молат и постат, личат на луѓето кои ставаат вода во дупнато буре. Господ не ја прифаќа молитвата на оној кој го помни злото на својот брат.

Преподобен Ефрем Сирин