Последица на падот е хаосот што владее во светот (23.04.2013)
Децата на овој век се слични на пченицата која се става во решетото на земјата и се сее низ минливите мисли на овој свет, преку постојаното колебање околу земните работи, желбите и замрсени сетилни поимања. Сатаната ги тресе душите во решетото, односно преку земните дела го сее целиот грешен човечки род. Од времето на падот, од Адамовата непослушност, лукавиот кнез ги презема власта и сите синови на овој век, и преку постојаните измамнички и колебливи помисли ги сее во земјеното решетото и ги доведува во меѓусебна спротивставеност. Како што пченицата која се сее непрестајно се превртува во решетото, така и кнезот на измамата со земните дела ги собира сите луѓе, ги колеба, доведува до смут и збунетост, ги наведува на суетни помисли, непрестајно го мами и поробува целиот грешен Адамов род. Господ на апостолите им го претскажа идното влијане на лукавиот врз нив: „Ете, сатаната посака да ве сее како пченица, но Јас Го молев Својот Отец да не се намали вашата вера“ (Лука 22, 31-32). Ова, како и пресудата која Создателот му ја изрече на Каин: Ќе страдаш во немирот на земјата (Битие 4, 12), е образ и слика на сите грешници. Преку непослушанието и гревот, целиот Адамов род невидливо го прими овој образ врз себе. Луѓето се колебаат пред страшните минливи помисли, пред стравот, различните смутови, желби, уживања. Кнезот на овој свет ја вознемирува секоја душа која не е родена од Бога (која нема покајание). Слично на пченицата која постојано се превртува во решетото, тој многуобразно ги вознемирува луѓето преку помислите. Тој сѐ наведува на колебање, ловејќи (ги луѓето) со светските измами, телесните задоволства, стравовите и збрките. Покажувајќи дека оние кои стојат зад измамите и волјата на лукавиот на себе го носат Каиновиот лик на лукавството, Господ со прекор рекол: „Вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот, и не стои во Вистината“ (Јован 8, 44). Заради тоа, целиот грешен Адамов род врз себе тајно ја носи онаа осуда: „Ќе се мачите и ќе бидете немирни во решетото на земјата, во кое ве сее сатаната“. Како што од еден Адам низ земјата се распространи целиот човеков род, така и една страсна расипаност никна во сиот грешен човечки род, односно кнезот на злобата, кој самиот е во состојба во сите да ги посее колебливите, сетилни, суетни и вознемирувачки помисли. И како што еден ветер може да ги вознемири сите растенија и сите семиња, како што една ноќна темнина се распространува низ целата вселена, така и лукавиот кнез, како некоја темнина на гревот и смртта, како некој скриен и суров ветар го збркува и опседнува целиот човечки род на земјата, ловејќи ги човечките срца со колебливи помисли и светски желби, и полнејќи ги со темнината на незнаењето, заслепеноста и заборавот, придонесува душите да не бидат родени од горе, и да не можат со мислите и умот да се преселат во идниот век, според реченото: „Нашиот живот е на небото“ (Фил. 3, 20).
Свети Атанасиј Велики