Кратко изложување на мисли што наведуваат на покајание
 
 
 
 
 

Кратко изложување на мисли што наведуваат на покајание (25.04.2013)

Спомни си, душо моја, за ужасниот и страшен суд, односно дека твојот Творец заради тебе стана Човек и благоволи да пострада поради твоето спасение. Пред Него треперат ангелите, херувимите ги покриваат своите лица, серафимите ги обзема страв и сите небесни сили непрестајно Му вознесуваат славословија, а ти, душо несреќна и понатаму живееш во мрзливост. Стани сега, душо моја мила и не го одложувај своето покајание, смирението на срцето и исполнувањето на епитамиите за своите гревови. Одложувајќи го ова од година во година, од месец во месец, од ден во ден, веќе воопшто нема да можеш да се покаеш од срце. О, со каква мака почнуваш да се каеш, но без успех. Душо, ако можеш денес да направиш некое добро, не го одложувај. Не го одложувај за утре своето покајание, затоа што не знаеш што ќе донесе утрешниот ден, или каква несреќа ќе се случи вечер; бидејќи не знаеш што ќе донесат денот и ноќта, и дали те очекува долг живот на земјата или неочекувано ќе те снајде бедна и брза смрт. Сега, душо моја, е време за светото покајание, сега е времето за светото трпение, за поднесување на маките, за исполнување на заповедите, за добродетелите, сега е времето за слаткото плачење и пискање со солзи. Ако вистински сакаш да се спасиш, засакај ги страдањата и офкањата како што порано си го сакала спокојот. Живеј како да умираш секојдневно; брзо, како облак пред излегувањето на сонцето ќе мине овој твој живот и ќе исчезнеш без трага. Деновите на нашиот живот се движат како воздух. Не отстапувај ни пред најтешките страдања. Во односот кон луѓето, кога е во прашање не само необјаснивата, туку и разумната непријатност (кога се чувствуваш навредено) нека не те обзема тага, не се повлекувај, туку едноставно сметај се за прав под нивните нозе. Без тоа не можеш да се спасиш и да ги избегнеш вечните маки, зашто нашиот живот брзо завршува и поминува како еден ден. Човекот не може да се спаси ако благочестиво не се смири преку добродетелите, или ако не го жртвува својот живот заради исполнување на Божјите заповеди и Преданието на светите Отци. Затоа спомни си, душо моја мила, за светите пророци, апостоли, маченици, светители, преподобни и праведни, јуродиви и сите кои од дамнина блажено Му угодиле на Бога. Каде си видела светител кој не го покорил телото на духот, или не пострадал во најтешки неволји и маки? Тие прифатиле безборој неволји, поднесувале глад и жед, деноноќно бдееле и се молеле, имале смирение и покајничко срце, детска незлобливост и милосрдност, помагале во секоја потреба и неволја, според можностите. Она што не го сакале за себе и не го поднесувале, тоа ни на другите не им го правеле, и постојано преку послушание, работејќи како купени робови, но не (како што прави) човекот, туку како Бог, со мудра едноставност, како оние што ништо не знаат, се труделе само околу своето спасение. О, човеку! Смртта е пред тебе: ако се подвизуваш, ќе ти биде подарен вечен живот во идниот век. На секој начин труди се да стекнеш добродетел. Затоа, ако сакаш да ги победиш страстите – отсекувај ги уживањата; ако трчаш по храната, животот ќе го поминеш во страсти; нема да се смири душата, ако на телото не му го одземеш лебот; невозможно е душата да се избави од погибел, ако му угодуваш на телото. Да се вратиме на почетокот: сакаш ли, душо моја, да се спасиш, да го поминеш патот на кој укажавме, да влезеш во небесното Царство и да имаш вечен живот – тогаш задуши ги барањата на телото, слободно вкуси горчина, поднесувај ги најтешките страдања, како што направиле сите светители. Кога човекот ќе се подготви и ќе даде завет дека, заради Бог, ќе истрае во сите неволји на кои ќе наиде, тогаш лесно и безболно ќе ги поднесе сите маки и непријатности, сите напади од демоните и луѓето. Таквиот не се плаши од смртта и ништо не може да го одвои од Христовата љубов. Си слушала, мила моја душо, за тоа како живееле светите Отци. Ах, душо! Барем малку подражавај ги: зарем тие не лееле солзи? И повеќе од тоа, душо моја. Зарем тие не биле тажни, сиромашни со измачени тела? И повеќе од тоа, душо моја. Зар нивните тела не биле номоќни, исто како нашите? И повеќе, душо моја. Тие не сакале ли убав, сладок и лесен живот во овој свет, и телесен мир. Сакале; нивните тела навистина ги присилувале (на тоа), но тие желбите (на телото) ги замениле со маки и страдања (кои ги поднесувале) заради идната радост. Тие еднаш за секогаш се одрекле од светот, и сметајќи се за мртви, немилосрдно се мачеле во духовните подвизи. Гладаш ли како се труделе светите Отци: немајќи мир во безбројните страдања, телото го покориле на духот, ги исполниле сите Божји заповеди и се спасиле. А ти, гревче, никако не сакаш да се натераш; по малиот напор изнемоштуваш, паѓаш со духот, и никако да си спомнеш за смртниот час, па да заплачеш за своите гревови. Си навикнала, моја несреќна душо, да  се прејадуваш, опиваш и да безделничиш; зарем не знаеш дека доброволно си одбрала маки? И никако да истрпиш – па како тогаш ќе се спасиш? Затоа, веднаш стани, душо моја мила, и направи го ова за што ти зборувам. Ако не можеш како светите Отци, тогаш почни да се трудиш според своите сили. Секому служи му со смирение и едноставно срце. Презирајќи ја својата немоќ и изобличувајќи го злото во себе, речи си: тешко тебе душо моја проколната, тешко тебе нечиста; тешко тебе расипана, мрзлива, невнимателна, поспана, зајадлива; тешко тебе зашто ќе загинеш. Така, малку по малку, таа ќе стане умилна, ќе просолзи, ќе дојде на себе и ќе се покае.

Преподобен Паисиј Величковски