Велика среда
 
 
 
 
 

Велика среда (01.05.2013)

Денешниов ден е свет и почитуван бидејќи на овој ден Господ почнува да ги прима крсните страдања за нас, според зборовите на Давид: „Зошто се бунат народите, и племињата смислуваат лоши работи? Се креваат земните цареви и кнезовите се собираат заедно против Господ и Неговиот Помазаник“ (Пс. 2, 1-2). Тие се собрале, свикувајќи зол совет против својот Владика, на кој лукавиот Јуда се одрекува од својот Учител и Го продава. Потоа следел предавничкиот целив, врзувањето и водењето на Господ од страна на непријателите на суд. Откако го прашувале и одговарал, Негов слуга го удрил по образот, а Тој долготрпеливо поднесувал и рекол: „Ако реков лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро – зошто Ме удираш?“ (Јован 18, 23). Потоа Го клеветеле и осудувале, па примил исмевање, подигрување, тупаници, удирања со трска по главата, камшикување, ковење на Крст. Распнат на него, Тој се моли за своите убијци: „Отец прости им, затоа што не знаат што прават“ (Лука 23, 34). На крајот Му даваат жолчка и оцет – Бесмртниот умира, предавајќи го Својот дух на Бог Отецот. И Му ги прободуваат ребрата. Накратко, такви биле Господовите страдања. И оној кој разумно ги  слуша евангелските кажувања за Него, повеќе нема ни да се гневи, ни да биде огорчен, ни бесен, ни горделив, ниту ќе се поставува над братот, ниту ќе завидува, ни ќе се предава на славољубие, туку на секој начин ќе се труди да биде смирен, да се кае, да се смета за земја и пепел, да сака учество во Христовите страдања, да биде дел од Неговата смрт за да има и дел во славата на Неговото Воскресение.

Ви велам: и вие бидете смели, затоа што веќе го земавте учество во страдањата на Владиката. Погледнете каде сте. Нели заради Неговите зборови и поради сведоштвото за Него сте во заточеништво и прогонство? Зарем и порано не сте трпеле заклучување во темнина? Зар не сте пролеале крв поради навреди и исмевања? Зарем некои од нашите браќа не се упокоија храбро сред страдањата? Ете во што е нашата пофалба кон Господ. Ете каков е нашиот дар. Меѓутоа, затоа што нашата цврстина не е сигурна поради нашата променливост и неможност со сигурност да тврдиме што ќе роди следниот ден, јас ве молам, во Господ да стоите непоколебливо и неизменето, еднодушно и едномислено соподвизувајќи се во евангелската вера, „и во ништо не плашејќи се од противниците (Фил. 1, 28), „никако и никому не давајќи повод“ (2 Кор. 6, 3), „туку во сѐ покажувајќи се како Божји слуги“ (2 Кор. 6, 4), односно во послушанието, смирението, кроткоста, великодушноста. „Најнапред ви е потребно трпение, па, откако ќе се исполните со Божја волја, да го добиете ветеното; зашто уште малку, сосем малку, па ќе дојде Оној што треба да дојде и нема да задоцни (Евр. 10, 36-37).

Штом ќе дојде и нема да задоцни, зошто да изнемоштуваме „поради неволјите“ и зошто уште пред тоа, да не бидеме постојано подготвени, во секој миг (ден) да умираме за Господ? Бидејќи, напишано е: „Ако со Него умреме, со Него и ќе оживееме. Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме, и Тој ќе се одрече од нас. Ако не веруваме, Тој останува верен, бидејќи Сам од Себеси не може да се одрече“ (2 Тим. 11-13). Колкава радост ќе имаат светите кога ќе Го видат Господ Кој слегува од небото со силата на Своите ангели, повикувајќи ги на неискажлива радост, овенчувајќи ги и удостојувајќи ги вечно да живеат со Него. А колку ќе бидат тажни оние кои не поверувале во Евангелието и кои не ги исполнувале Неговите заповеди, односно оние кои, според напишаното, „со вечна погибел ќе бидат казнети од лицето на Господ и од славата на Неговата моќ, кога ќе дојде оној ден за Тој да биде прославен среде Своите светии, и да Му се восхитуваат сите оние што поверуваа“ (2 Сол. 1, 9-10).

Согледувајќи го и размислувајќи за реченото, „да се очистиме од секаква скверност на телото и на духот, па да твориме свети дела и со страв од Бога“ (2 Кор. 7, 1), стремејќи се кон подоброто и брзајќи кон совршеното. „Мрзејќи го злото, да се прилепиме кон доброто; едни спрема други да бидеме љубезни, со братска љубов, натпреварувајќи се во почитувањето едни кон други. Во усрдноста да не бидеме мрзливи; духот да ни биде пламен; да Му служиме на Господ; да бидем радосни во надежта; во маката трпеливи, а во молитвата постојани“ (Рим. 12, 9-12). Живеејќи во таква непорочност, искрено, Пасхата што доаѓа ќе ја празнуваме на достоен начин и ќе се удостоиме вечно да ги вкусиме небесните добра.

Свети Теодор Студит