Напливот на Божјата љубов ја исполнува душата со радост и восхит (24.05.2013)
Да Го засакаме Христос! Тогаш во нас – како резутат на нашиот копнеж, топлото чувство, љубовта – ќе одекне Христовото име. Всушност, ние Неговото име ќе го кажуваме тајно, без зборови. Ќе стоиме пред Бога во став на обожение, смирено! Ќе одиме кон Него по стапките Христови! Притоа, Христос нека нѐ ослободи од секое присуство на стариот човек во нас! Нему да Му се обратиме да ни даде солзи! Но, да внимаваме! „Нашата лева рака да не знае што прави десната“. Молете се со покајание: „Зарем сум достоен да ми дадеш таква благодат, Христе мој?“ Тогаш солзите се претвораат во солзи на благодарност. Возбуден сум; не ја исполнив Божјата волја, но се надевам на Неговата милост.
Молете се со копнеж и љубов, спокојно, кротко, без изнудување. Додека ја кажувате молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме“, изговарајте ја полека, скромно, благо, пратејќи ги зборовите со топла љубов кон Бога. Христовото име изговарајте го со духовна благост. Зборовите еден по еден: „Господи... Исусе... Христе... помилуј ме“, благо, нежно, со љубов, тивко, тајно, со умот, но и со полет кон Бога; со копнеж, со топла љубов, без напор, без недолично нагласување, без душевен грч.
Понекогаш е добро молитвата да ја кажувате на глас, да ја слушнат и вашите сетила, да ја чуе и вашето уво. Ние сме душа и тело, а тие си влијаат едно на друго.
Меѓутоа, кога длабоко ќе Го засакаш Христос, подобро одлучи се за молчење и за умносрдечната молитва. Тогаш престануваат зборовите. Се појавува внатрешниот молк, внатрешното тихување. Тоа му претходи на доаѓањето на Божјата благодат, соединувањето на душата со Бога. Кога ќе се најдеш во ваква состојба, зборовите се непотребни. Тоа е нешто што не се објаснува. Само оној што ја доживеал оваа состојба, разбира што се случува. Чувството на љубов те преплавува, соединува со Христос. Се исполнуваш со љубов и восхит, и со тоа покажуваш дека во себе ја имаш Божјата љубов, а таа е несебична, едноставна, вистинска.
Најсовршениот начин на молитва е молитвеното молчење. Тогаш се остварува обожението. Во молчењето, во тишината, во тајната. Така се извршува вистинското богослужење или обожување со Вистинскиот Бог. Но, за да го доживеете ова, треба да достигнете одредена духовна состојба. Така се обожуваш, влегувајќи во Божјите тајни. Тогаш зборовите не ни се потребни, Божјата благодат зборува. Пред нас се отвораат нови видици.
Солзи радосници, солзи од восхит ми течеа од очите заради љубовта и крсната Христова жртва! Во неа се крие вистинската големина, всушност рајот. Зборовите постепено се губат. Срцето ти е така исполнето што ти е доволно да изговориш само еден збор: „Исусе!“, и тука е крајот, остануваш без зборови. Љубовта подобро се изразува без зборови. Кога некоја душа вистински и целосно ќе Го засака Господ, таа повеќе го сака молчењето и умносрдечната молитва. Напливот на Божјата љубов ја исполнува душата со радост и восхит.
Старец Порфириј Капсокаливиски