За Светиот Дух
 
 
 
 
 

За Светиот Дух (27.05.2013)

Милостивиот Господ ни го прати Светиот Дух на земјата; со Него е утврдена Светата Црква.

Светиот Дух ни ги протолкува не само земните тајни, туку и небесните.

Преку Него ја спознавме Господовата љубов, која е нешто најсилно што постои. Светите апостоли, исполнети со таа љубов, го заобиколиле целиот свет и нивниот дух копнеел сите луѓе да го познаат Господ.

Со Светиот Дух се насладувале сите Божји избраници и затоа нивните беседи биле силни и блиски на душите, и сите сакале да чујат Божјо слово.

Господ толку многу нѐ сака; невозможно е тоа да се објасни. Таа љубов се познава единствено преку Светиот Дух, а и тогаш не може да се објасни како се чувствува душата. Господ по Својата природа е благ и милослив, кроток и мил. Неговата добрина не се опишува, но душата ја чувствува таа љубов и сака секогаш да живее во тоа тивко расположение.

Тој рекол: „Нема да ве оставам сираци“; и ние гледаме дека не нѐ оставил, туку ни Го дал Светиот Дух.

Светиот Дух ја поучува душата. Во Него таа наоѓа мир. Светиот Дух ја весели и ѝ дава радост уште тука на земјата. А каква ли радост и веселие ќе следи на небото? Преку Светиот Дух сме научени на Божјата љубов, но на небото таа ќе го ја достигне својата совршеност.

Ако сакаш да знаеш колку нѐ љуби Господ, замрази ги гревот и лошите мисли и усрдно моли се ден и ноќ, и Господ ќе ти ја даде Својата благодат и ќе Го познаеш Светиот Дух.

Господ го сака човекот и му се јавува кога Тој Самиот ќе посака. Кога душата ќе Го здогледа Господ, со смирение се радува на милоста на својот Господ и понатаму не може да сака ништо друго освен својот Творец.

Душата ја познава таа љубов, но не може да ја пренесе на другите со зборови: неа ја познаваат само оние на кои Господ им ја дал преку Светиот Дух. Душата одеднаш Го гледа Господ и Го познава. Како да се опише таа радост?

Господ се спознава преку Светиот Дух Кој го исполнува целиот човек: душата, умот и телото. Така се познава Бог и на небото и на земјата.   

 Старец Силуан Светогорец