За искушенијата (03.06.2013)
Значи, ако сакаме да се спасиме од лукавиот и да не паднеме во искушение, треба да се надеваме на Бога и да им ги простиме долговите на нашите должници. Да правиме така, не само за да ни се простат нашите гревови, туку и да го победиме законот на гревот, не паќајќи во искушение и победувајќи го таткото на гревот, молејќи се за спасение под раководство на Господ Христос, Кој го победи светот, и Кој нѐ вооружи со Своите заповеди, учејќи нѐ да ја отфрлуваме страста и незаситно да се стремиме кон Него како Леб на животот, премудроста и правдата, преку почитување на волјата на небесниот Отец Кој нѐ направи сослужители на ангелите, кои ни го објавија поредокот на благоугодниот живот во Бога. И затоа (поради сличноста со ангелите), ние се искачуваме кон Бога, кон Отецот на светот, Кој нѐ научи да бидеме заедничари со Божјата природа преку причестувањето со благодатта на Светиот Дух, преку кое стануваме Божји чеда и Негови синови, и се облекуваме во Самиот Создател на таа благодат, Синот на Отецот... од Кој, преку Кој и во Кој имаме и ќе имаме вечен живот. Нашата молитва нека биде насочена кон ова тајно обожение за да објавиме какви нѐ направи Воплотувањето на Еднородниот Син, и каде нѐ вознесе силната десница на Човекољубецот, нас кои сме пониски од најнискиот, нас кои сме притиснати од товарот на нашите гревови. Уште повеќе да Го возљубиме Оној што така премудро ни го подготви спасението, покажувајќи на дело дека нашата молитва е исполнета, покажувајќи ни дека навистина Бог ни е Татко, а не лукавиот, кој наместо во живот нѐ води во смрт. Затоа што, секој од овие двајца владетели (и Бог и Неговиот непријател – ѓаволот) им го даваат заслуженото на оние што им се предаваат: Бог им дава вечен живот, а ѓаволот им дава смрт, под дејство на искушенијата. Според Светото Писмо постојат два вида искушенија: едните, ни го условуваат она што ни е пријатно и мило, а другите ни предизвикуваат непријатности и болести. Првите се волни, а вторите принудни. Од нив (едните и другите) се раѓа гревот, а нам ни е заповедано да се молиме според Господовата заповед, која нѐ учи да велиме: „и не воведувај нѐ во искушение“, и нѐ советува: „Бдејте и молете се за да не паднете во искушението“... За оние што се силно заковани од клинците на гревот, спасоносни се зборовите на големиот апостол Јаков, кој повикува: „Радувајте се, браќа мои, кога ќе ве нападнат разни искушенија, знаејќи дека се искушува вашата вера заради трпението; а трпението ќе ве направи совршени“. И едните и другите искушенија лукавиот со зли мисли ги набљудува; во првите (волните) го лови човекот преку привлечноста и возбудата на телесните страсти, соблазнувајќи ја душата да отстапи од богољубивата настроеност; а вторите (принудните) ги користи за да предизвика помисли на бунт и хула против Творецот во душата на човекот, притиснат преку неволјата и бедата. Познавајќи го лукавството на нечестивиот, ние треба да се молиме (кога се работи за волните искушенија) да не отпаднеме од богољубивото расположение; а кога Бог ќе дозволи да нѐ нападне несаканото (принудно) искушение, треба храбро да трпиме и (иако сме во неволја) да Му се молиме на Создателот. Никој од нас нека не се соблазнува од понудите на лукавиот што прелестуваат, и на тој начин да се спасиме од вечните маки во идниот живот и да бидеме причесници на неискажливите добра, кои сега делумно ги гледаме во нашиот Господ Христос, Кој се слави со Отецот и Пресветиот Дух. Св. Максим Исповедник