За молитвата и молитвениот живот на христијанинот
 
 
 
 
 

За молитвата и молитвениот живот на христијанинот (06.06.2013)

Навистина е пријатно во молитвата да се спомнат душите на оние што знаеш дека очите им се насочени кон Господ и во Него се зближуваат со нас. Поврзувајќи нѐ, Бог знае кој кому му прави поголемо добро: оној што се моли или оној што бара молитва. Молитвата нѐ приближува до Бога и ни овозможува да го видиме она што не можеме да го видиме во овој променлив свет. Душата што постојано Го бара Господ и која Му се моли, таа Нему Му припаѓа, без оглед на тоа што нејзиниот понизок, сетилен дел, понекогаш и спротивно на нејзината волја е вознемирен поради близината и дејството на силите кои не се сродни на човекот. Како што светата Црква премудро нѐ учи: во мир да Му се помолиме на Господ, за сите и за сѐ. Душата на оној што се моли во смирение, и ако се разгори, гори со тивок и чист пламен. Гори, но не согорува. Капе, но не прекапува. Се излева, но никогаш не се испразнува. Зар душата што усрдно се моли не е во заедница со оној за кого се моли? Зар во тоа единство таа не ѝ дава силен поттик и сила на душата што има потреба од помош?

Најдобар начин за дружење и заедница меѓу луѓето е да се молиме едни за други. Ако молитвата не е совршена, нејзините недостатоци според можностите треба да се поправаат, но никако да не се очајува заради нив. Треба да се разликува активната молитва од состојбата кога некој се насладува со молитвата. Активната молитва човекот треба да ја практикува  секогаш и неуморно, се разбира, според молитвеното правило, а утехата ја подарува Господ според Својата благодат, тогаш кога е потребно за да го привлече и закрепне човекот, и тогаш кога човекот може да ја прифати. Исто така, ако почувствувате дека во вас нема сили, не треба заради тоа да ве обзема немоќ и очај, туку прво престанете да се надевате на себе и молете се, надевајќи се на Господ.

Ако од човек барате да ве научи како да се молите, ќе добиете одговор: не знаеме како да се молиме. Ако речете: Господи научи ме да се молам – ќе го добиете одговорот што безброј луѓе го добиле пред вас. Треба да се трудиме да спечалиме трајна страхопочит кон светињите. Ако почитувањето дојде и си замине, сепак, би требало во душата да остави смирение и топла желба за заедница со Господ. Би требало да се трудиме во молитвата секогаш да бидеме постојани и да не дозволуваме горделивиот да се распали. Оној што после восхит добива ладно срце, и кој доволно не го зацврстил мирот во својата душа, нему му е потребно да вложи уште многу труд. Ако човекот цела година Му служи на Бог и понатаму останува во таа желба, тој труд нема да му пропадне без оглед што околностите се смениле. И во семејниот живот секој може да најде време за молитва и тихување. Тогаш кога се нема можност да се оди на служба, Господ ќе ја прими и домашната молитва, ако е искрена и длабока. Никој од вас не бара да им служите на двајца господари. На Господ може да Му се служи и во осаменост и со семејство. Ако, пак, заклучите дека семејниот живот ќе ви пречи во служењето на Бога, тогаш одлучете се за осаменички живот. Тоа што не сте во можност да одите во храмот не го примајте со тага, туку со смирение и послушност кон Божјата волја. Во вашето срце постојано нека престојува Божјото име и од вашата душа нека се вознесува миомирисот на молитвата, и тогаш ќе бидете како да сте во Божјиот храм. Ако ви се дадат солзи, бидете Му благодарни на Бог за тоа и користете ги за со нив да ја чистите својата душа. „Ѝ се простија многу гревови затоа што имаше голема љубов“. Каде научи така да сака? Таа наместо елеј имала солзи и покајание. Божјата љубов кон оние што се кајат, како небесен оган, го распалило нејзиното кандило.

Св. Филарет Московски