Дали совршенството е задолжително за сите?
 
 
 
 
 

Дали совршенството е задолжително за сите? (05.08.2013)

На ова прашање ќе одговориме потсетувајќи се на зборовите на нашиот Спасител Исус Христос, Кој кога бил прашан од богатото момче како да добие вечен живот, му одговорил: „Ако сакаш да влезеш во животот, исполнувај ги заповедите... а ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај сѐ што имаш, раздели го на сиромашните... па врви по Мене“ (Матеј 19, 17;21).

Овде станува јасно дека заповедта на Спасителот за совршенство не е задолжителна, туку е оставена на човечката слободна волја. А на друго место рекол: „Јас дојдов за да имаат вечен живот, и да го имаат во изобилие“ (Јован 10, 10), односно, тие што сакаат да се спасат нека ги исполнуваат Божјите заповеди, а кој сака да има вечен живот во изобилие, да биде совршен, треба да остави сѐ световно и да појде по Христос, со многу трпение и самоодрекување, до крајот. Значи, секој според сопствената волја да се качи на високата лествица на совршенството.

Со која добродетел човекот стигнува до совршенството и кои се добродетелите кај совршените? Св. Григориј Палама вели: „Молитвата како добродетел ја извршува тајната на нашето соединување со благиот Бог, бидејќи молитвата е врската помеѓу созданијата и Творецот, но соединувањето со Бога, односно совршенството се наоѓа во чистата молитва. Таа е доказ за совршената љубов, но таа не е дело на човекот, туку доаѓа од Бога“.

Значи, совршената љубов кон Бога е темелот на совршените. Меѓутоа, никој не ја достигнува таа љубов додека не постигне целосно чистење од страстите, односно додека не ја добие чистата молитва. Тоа го тврди св. Максим Исповедник, кога вели: „Сите добродетели му помагаат на умот да стигне до Божјата љубов, но најмногу од сите – чистата молитва, затоа што преку неа, летајќи кон Бога, умот излегува од сето она што тој е“. Молитвата многу му помага на човекот да ја добие љубовта кон Бога, а љубовта му помага да го добие совршенството. Св. Исак Сирин, потврдувајќи дека преку молитвата човекот Го љуби Бога, вели: „љубовта е од молитвата“.

Старец Клеопа