За покајанието (23.08.2013)
На сиромашните и понатаму им се кажуваат радосни вести. Небесниот Цар и понатаму ја прогласува Својата милост насекаде. Вратата на милоста сѐ уште не е затворена. Божјата благодат сѐ уште е отворена за сите. Евангелието и Божјото Јагне, Кое врз себе ги зема гревовите на светот, сѐ уште се проповедаат. Божјото Царство сѐ уште се објавува.
Грешниците кои се каат и понатаму се спасуваат; и митниците и прељубниците исчистени преку покајанието, ќе влезат во небесното Царство. Милосливиот Бог и понатаму ги повикува кон Себе сите оние што се свртеле, ги чека и им ветува милост.
Љубениот Отец и понатаму ги прима Своите блудни синови, кои се враќаат од далечните земји и им ја отвора вратата на Својот дом, и ги облекува во најубавите облеки, на сите ставајќи им прстен на раката и чевли на нозете, и им заповеда на светиите да се радуваат со Него: „Радувајте се, ангели и сите Мои избрани! Грешници, вратате се кај Мене, луѓе, Мои созданија, создадени според Мојот образ и подобие. Оние што гинеа сега се спасени, оние што беа мртви сега се повторно живи, изгубените се најдени“.
Слава на Неговата добрина! Слава на Неговата љубов кон човекот! Слава на Неговото сожалување! Слава на Неговата дарежливост! Кутри грешници, зошто сѐ уште чекаме во далечната земја и не тргнуваме кон Отецот? Зошто сѐ уште умираме од глад? Зошто се полниме со грев како мешунки? Во домот на нашиот Отец има сѐ, и во изобилство. Таму дури и наемниците имаат имаат доволно и им останува вишок.
Нашиот Отец нѐ чека со голема желба и ревност, и со љубов гледа на нас, кои се враќаме од далеку, нѐ гледа со сожалување, мили сме Му, ќе нѐ прегрне и ќе нѐ љуби со Својата света љубов. Нема да не кара и ќе ги заборави нашите гревови и нечистотии, а сите Негови ангели и избраници ќе се радуваат поради нас.
Да си дојдеме на себе, да станеме, трнеме и побрзаме кон нашиот Отец, и секој со смирение и тага нека Му каже: „Отец! Згрешив пред Тебе и пред небото, и веќе не сум достоен да се наречам Твој син; прими ме како еден од Своите наемници“.
Да побрзаме, побрзаме, о, грешници, додека сѐ уште има време, додека Отецот чека, додека вратата на Неговиот свет дом не се затворила. Да се покаеме додека Божјата благодат сѐ уште делува, додека не дошло времето да ја вкусиме Божјата правда, вечниот суд.
Не очајувајте поради кој било направен грев после Светото Крштение, и вистински покајте се, но чекајте на Божјата милост. Колку многу и колку тешки да се вашите гревови, Господ има многу поголема милост. Колку што е големо Неговото Величество, толку е голема и Неговата милост. Само внимавајте и раководете се според гореспоменатите зборови.
Ако сте згрешиле, не очајувајте. Туку, во самиот миг исповедајте го својот грев, паднете на земја со смирение пред натажените Божји очи и молете за милост, како митникот: „Боже биди милослив кон мене грешниот“, и гревовите ќе ви бидат простени.
Вистинското покајние бара човекот да им сврти грб на гревовите и суетата на овој свет и со сето свое срце да се сврти кон Бога, внатрешно да се смени од она што бил порано, и така да го извршува делото на своето спасение со страв и трепет, и да го прави единственото што Му е угодно на Бога, и така да биде спасен.
Затоа што, ако сакаш вистински да се покаеш и да бидеш спасен, смени се и обнови се, стани поинаков од она што си бил порано, не се грижи за ништо друго, освен да Му угодиш на Бога и да бидеш спасен, и на тој начин ќе бидеш ново создание во Христос. Зашто секој христијанин, кој сака да биде вистински христијанин, а не лажен, се труди да биде нов или обновен човек, или ново создание.
Тогаш, не му снисходете на своето тело и не го правете сето она што тоа ќе го посака. Тоа мора да биде распанато „заедно со страстите и желбите“, ако сакате да бидете христијани, односно Христови. Многу напор и труд се потребни за човекот да се смени и да стане добро дрво, кое дава добар плод. Тогаш, тежнејте само за промена, обновување и исправање. И молете се за тоа, често воздивнувајте со ревност кон Христос, за Тој Самиот да може да ве обнови и да ве направи добри, затоа што без Него, нема да дојде до нашата обнова. А кога ќе се обновите внатрешно и кога ќе бодете добри, тогаш и вашиот надворешен живот и делата, исто така, ќе ви бидат добри.
Свети Тихон Задонски