Треба да Го држиме Христос во себе со сите сили
 
 
 
 
 

Треба да Го држиме Христос во себе со сите сили (01.09.2013)

Гревољубивата душа духовите на злото ја заградиле и врзале со синџирите на темнината. Поради темнината што ја опкружува таа не е во состојба да се моли како што треба: и таа останува врзана, бидејќи е слепа со внатрешните очи. Доколку, пак, почне да Му се моли на Бога, со помош на молитвата таа се здобива со трезвеноумие. Преку молитвата таа ќе се ослободи од темнината што ја опкружува. Всушност, таа на друг начин и не може да се ослободи. Така таа дознава дека внатре во срцето се води друга борба, скриено спротивставување, друга војна со помислите, кои се раководени од духовите на злото, како што сведочи Светото Писмо. Тоа вели: „Доколку те нападне духот, не се помрднувај од местото“. Тоа значи умот непоколебливо да стои во добродетелите и трезвеноумието. Затоа што, постои упорност и во добродетелите и во злото. Писмото, имено, вели: „Блажен е човекот кој не оди на безбонички собори и не стои на патот на грешниците“. И апостолот учи: „Значи, стојте облечени во вистината“.

Треба да Го држиме Христос во себе со сите сили, бидејќи мнозина непрестајно се трудат да Го исфрлат од нашата душа. Не смееме да дозволиме Исус да се оддалечи поради „многуте помисли во она место“, односно во срцето. Меѓутоа, невозможно е да Го задржиме без душевна болка. Да се поучиме од Неговиот живот на земјата, за и својот да го живееме смирено. Да се потсетуваме на Неговите страдања, за ревнувајќи заедно со Него, трпеливо да можеме да ја поднесеме секоја неволја. Да вкусиме од Неговиот домострој, кој е исполнет со снисходење кон нас, за врз основа на слаткиот залак на душата да се увериме дека „Господ е благ“. И пред сѐ, без никакво колебање, секојдневно да го очекуваме она што ни го подготвила Неговата промисла. Сѐ што ќе се случи треба да го примаме со благодарност, радост и подготвеност, за да научиме како да го насочуваме погледот кон Бога, Кој управува со законите на Својата мудрост. Остварувајќи го наведеното, нема да бидеме далеку од Бога. Благочестивоста е, всушност, бескрајно совршенство, како што рекол некој од богоносните и преку Духот совршени мажи.

Секој час и секој миг треба да го чуваме нашето срце од помислите кои го замаглуваат нашето огледало, во кое треба да се изобрази и светлоисцрта Самиот Исус Христос, Кој е мудрост и сила на Бог Отецот. Непрестајно да го бараме небесното Царство во него. Доколку го исчистиме окото на умот, ние на таинствен начин ќе го најдеме во себе и зрното, и бисерот, и квасецот и сѐ останато. Нашиот Господ Исус Христос рекол: „Божјото Царство е внатре во вас“, мислејќи на Бог Кој живее во срцето.

Трезвеноумието ја чисти совеста до првиот одблесок. Кога, пак, ќе биде исчистена, совеста ја истерува темнината од внатрешноста. Бидејќи е исчистена, совеста останува во постојаното и вистинско трезвеноумие и повторно го открива она што било заборавено и скриено. Со помош на трезвеноумието совеста се обучува во невидливата борба и словесното спротивставуање, односно за фрлање на копјата во битките, успешното стрелање со добрите помисли, спречувањето на нивните стрели да го погодат умот, криејќи го во закрилата на Христос; посакувајќи ја Светлината, а не погубната темнина. Оној што вкусил од ова знае за што зборувам. Тој вкус ја раздразнува гладта на душата и таа некогаш не се наситува од него.

Повлекувајќи го умот во себе, како сонцето очите, Светлината останува необјснива: таа не може да се објасни со зборови. Напротив, таа се објаснува со опитот на оној што го прима нејзиното дејство, или поточно, оној што е хранет од неа. Таа ми заповеда да замолчам, иако умот сака и понатаму да се насладува со зборовите: „Трудете се да имате мир со сите и светост, без кои никој нема да може да Го види Господ“.

Преподобен Филотеј Синајски