За внатрешниот живот – животот во срцето (02.09.2013)
Животот во себе со посредство на самособирањето се содржи во следново. Штом ќе се разбудиш, во истиот миг, штом ќе станеш свесен за себе, спушти се во срцето, во внатрешноста на градите; непосредно по тоа, собирај и привлекувај ги, со напор таму насочувај ги сите душевни и телесни сили – со внимание на умот, со насочување на својот поглед таму, со бодроста на волјата, напрегање на мускулите и трезвено чувство, гушејќи ја телесната наслада, така прави сѐ додека свеста не се смири таму, како на свое место, во своето живеалиште, значи, додека таа не се врзе и залепи за тоа место. А потоа, непрестајно живеј таму, сѐ додека управуваш со својата свест, често повторувајќи ја оваа постапка на самособирање, на своите сили. Духот што гори, на овој начин, станува вистински дух на ревноста. Токму поради ова, ќе речеме: само труди се да живееш внатре во себе и нема да престанеш да ревнуваш.
Ете колку е значаен внатрешниот живот – животот во срцето. Значи, вреди да се потрудиме да го здобиеме ова, бидејќи истото не се дава веднаш, туку после долго време и макотрпно барање. Го поставуваме на прво место затоа што тоа преставува услов за целокупниот духовен живот. Неговото усовршување зависи од совршенството на душевните и телесните активности, кои го сочинуваат, а тоа се: умственото внимание со насочување на очите кон внатрешноста, бодрата волја со телесен напор и трезвено срце, со отфрлување на плотските наслади и спокојства. Целосно, Светлината на животот во нас се јавува кога ќе се здобиеме со чистотата на умот, односно неговата слобода од помисли, чистотата на волјата – нејзината слобода од желбите, чистотата на срцето – слобода од пристрасноста и страстите. Но и пред ова да се постигне, може да се зборува за внатрешен живот, иако несовршен, незрел и со прекини.
Од ова, само по себе е очигледно дека средствата доведуваат до постојаниот живот во себе; подобро кажано, постои едно средство: отфрлање од себе на сѐ она што би можело да ги наруши оние активности за кои зборувавме, односно сѐ што би можело да нѐ одвлече кон надворешното. Чувствата ги одвраќаат надворешните впечатоци, умот, пак, помислите, мускулите стануваат слаби поради млитавоста, волјата ја одвлекуваат желбите, а срцето трпи поради заробеноста, односно преголемата поврзаност за нешто. Затоа, умот нека живее без помисли, чувствата без отстапувања, волјата без желби, мускулите нека бидат силни, а плотта без угодувања. После ова следат и подвизите кои ќе бидат насочени кон умртвувањето на егоизмот. Сите тие заедно, преставуваат средства за внатрешниот живот.
Ете затоа во поуките на светите Отци, во нивното учење за трезвеноста, односно чувањето на умот, внатрешниот живот секогаш се разгледува во нераскилнива врска со подвижничката борба. Сепак, самособирањето не е исто што и борбата. Тоа е посебна духовна активност; во него се сoединети сите духовни дејства – и борбата, и читањето, и богомислието, и молитвата. Но, што и да прави човекот, должен е, пред сѐ да влезе во срцето и оттаму да делува.
Свети Теофан Затворник