Станувајќи забележителна, благодатта, малку по малку завладува со срцето, сѐ додека потполно не го исполни, преобразувајќи ја целата негова внатрешност
 
 
 
 
 

Станувајќи забележителна, благодатта, малку по малку завладува со срцето, сѐ додека потполно не го исполни, преобразувајќи ја целата негова внатрешност (08.09.2013)

Дејството на Божјата благодат ја осенува душата по мерата на верата кај секого. Меѓутоа, иако душата добива помош одозгора, благодатта го посетува делумно. Немој да мислиш дека (кому било) му е осветлена целата душа, затоа што во неа сѐ уште останува големо пасиште за злобата. За да се очисти, на човекот му е потребен уште поголем труд и напор, кој е согласен со благодатта што делува во него. Иако и во еден миг може да биде очистен човекот, и да биде направен совршен, Божјата благодат почнува постепено да ја проветлува душата со цел да ја испита човечката настроеност, односно дали целосно Го љуби Бога, дали постојано го избегнува лукавиот и дали потполно ѝ се предава на благодатта. На тој начин, со текот на времето и многу години, душата станува искусна. Тогаш самата небесна благодат завладува со пасиштето на душата, пушта корења во нејзините најдлабоки делови и помисли, сѐ додека целосно не ја преземе и не се зацари во неа.

Меѓутоа многу биле доведени во заблуда поради самото дејство на благодатта, мислејќи дека достигнале совршенство, велејќи: „Доволно ни е. Повеќе не ни е потребно“. Но, Господ е бесконечен и недостижен. Христијаните не смеат да кажат дека здобиле совршенство, туку треба да се смируваат деноноќно. Душата поседува многу делови и голема длабочина. Влегувајќи во неа, гревот завладеал со сите нејзини делови и пасиштата на срцето. Меѓутоа, благодатта која доаѓа на барање на човекот, завладува над, може да се рече, два дела од душата, а неискусниот, тешен од благодатта, мисли дека таа ги зазела сите нејзини состави и дека гревот е искоренет. Но, поголемиот дел од душата е во власт на гревот, а само неколку делови се под благодатта. И човекот е измамен, иако не е ни свесен за тоа.

И болниот има некои здрави делови, како на пример, окото, иако останатите му болуваат. Така е и во духовното. Некој може да има три здрави духовни делови, а сепак да не е совршен. Гледаш ли колку духовни степени и мери има, и како постепено, а не одеднаш, се искоренува и чисти злото.

Зачнатото во мајчината утроба веднаш не станува човек, туку постепено прима човечки облик. Исто така, детето не се раѓа во совршен облик, туку потребно е многу години да расте за да стане човек. И семето од јачмен или пченица, штом ќе биде фрлено на земјата, веднаш не оживува, туку после зимата. Во одредено време, пак, тоа пушта стебло. И оној што сади круша нема веднаш да бере плодови. Исто е и во духовниот живот, каде има огромна мудрост и таинственост. Човекот постепено духовно расте и станува совршен човек, достигнувајќи ја според растот Христовата полнота. Значи, не е точно, она што некои го тврдат, имено, дека духовниот напредок е исто што и соблекување или облекување облека.

Како што пчелата тајно прави восок во кошницата, така и благодатта тајно ја спроведува својата љубов во срцата, претворајќи ја горчината во благост, и суровоста во сладост. Како што кујунџијата или копаничарот потепено изобразуваат разни животински ликови, така и вистинскиот Уметник работи во нашите срца и тајно ги обновува, сѐ додека не се преселиме од телото. Дури тогаш ќе се види убавината на душата.

Свети Макариј Велики