Колку ние, верните, ќе ги исполнуваме Божјите заповеди, толку Светиот Дух ќе ги покаже Своите плодови во нас
 
 
 
 
 

Колку ние, верните, ќе ги исполнуваме Божјите заповеди, толку Светиот Дух ќе ги покаже Своите плодови во нас (09.09.2013)

Оние што се крстени во Соборната Црква преку Крштението тајно ја примаат благодатта, која во нив живее скриено. Потоа, таа по мерата на исполнувањето на заповедите и надежта се открива во верните, според Господовите зборови: „Кој верува во Мене... од неговата утроба ќе потечат реки од жива вода“, мислејќи на Духот Кој треба да Го примат оние што веруваат во Неговото име.

Поради своето маловерие, човекот паѓа под влијание на гревот, и „секого го искушува сопствената желба, која го мами и лаже. Тогаш желбата раѓа грев, а направениот грев раѓа смрт“. Од сладострастието се раѓа гревот во мислите, а оттаму произлегува извршувањето на делото. Штом некој ќе отстапи (од обврските што призлегуваат од Крштението), веднаш паѓа во грев.

На оние што цврсто веруваат, Светиот Дух им се дава веднаш на Крштението. Меѓутоа, ние самите Го нажалуваме и Го гасиме во себе. Затоа апостолот заповеда: „Не Го гасете Духот“, „и не Го нажалувајте Божјиот Свет Дух, со Кој сте запечатени за денот на спасението“. Тоа не значи дека секој оној што е крстен и кој ја примил благодатта со самото тоа е непоколеблив и затоа веќе не ни е потребно покајанието, туку дека од чинот на крстењето, како Христов дар, ни е подарена совршената Божја благодат за исполнување на сите заповеди. Доколку после тајното примање (на благодатта) не ги исполнуваме заповедите, ние по мерата на нејзиното напуштање се наоѓаме под влијание на гревот, затоа што поради невнимателноста не ги извршуваме потребните дела, иако имаме сила за тоа. Ако, пак, сакаме да бидеме совршени, брзо или постепено, должни сме совршено да веруваме во Христос и да ги исполнуваме Неговите заповеди, бидејќи примивме сила за такво нешто. И колку ние, верните, ќе ги исполнуваме Божјите заповеди, толку Светиот Дух ќе ги покаже Своите плодови во нас. Плодовите, пак, на Духот според св. Павле, се: „Љубовта, радоста, мирот, долготрпението, благоста, добрината, верата, кроткоста, воздржувањето“.

Според тоа, ако некој од верните, живеејќи според заповедите, и согласно со нив, набрал некое духовно дејство, нека верува дека тој уште многу порано примил сила за такво нешто. Зашто, тој на Крштението ја примил благодатта на Духот – причината за секое добро дело, не само за тајните и духовните, туку и за јавните добродетели. Никој од добродетелните (луѓе) нека не помислува дека единствено со сопствените сили направил нешто добро, бидејќи добриот човек го изнесува доброто „од својата ризница“, а не од себе. Под зборот ризница се подразбира Светиот Дух, Кој живее во срцата на верните.

Оној што искрено спознал дека, според зборовите на апостолот, од Крштението во себе го има залогот за Христос да престојува во него, оставајќи ги сите световни работи, е насочен кон срцето, „внимателно чувајќи го“. Бидејќи, „Бог е Оној, Кој прави да дејствувате според Неговото благоволение“. Со зборот благоволение апостолот покажува дека добрата волја за добродетелите зависи од нашата слобода, додека добродетелното дејствување или искоренувањето на гревот без Бога е невозможно. Реченото: „Без Мене не можете ништо да направите“, има иста смисла. Меѓутоа, во сѐ постои и наш удел.

Царскиот ум, кај секого, во скриениот храм на срцето, прво ги зема добрите и благи намери од Христос, Кој живее внатре, и ги спроведува во добродетелниот живот, кој повторно, преку блага мисла, ги насочува кон Христос, Кој му ги подарил.

Апостолот Павле вели: „Се стремам да го достигнам Христовото“, односно да љубам како што Христос мене ме возљуби. Достигнувајќи ја таа љубов, тој веќе не сакал да размислува за ништо – ни за неволјите на телото, ни за убавината на созданијата, туку тој јавно оставил сѐ, велејќи: „Кој ќе нѐ одвои од Христовата љубов?“ Сакал само да престојува таму, во срцето, во Христовата љубов.

Преподобен Марко Подвижник