Главна активност за оној што стапнал на вистинскиот пат е молитвата (05.11.2013)
Колку е точен вашиот заклучок: „Значи, излегува дека сѐ е во молитвата“. Да, во молитвата. Молитвата е самонадгледување – духовен барометар. Барометарот покажува колку е тежок или лесен воздухот, додека молитвата покажува колку нашиот дух е високо или ниско на својот пат кон Бога. Молете се онака како што сте започнале. Но, во текот на денот, почесто стојте пред своите икони и секој пат направете по неколку поклони, појасни или земни. Уште е подобро ако паднете на колена. А тоа никој не го гледа освен Господ. Молитви, наутро и навечер, сѐ по ред. Треба да се молите повеќе, онака како што ви одредиле; често поклонувајте се пред Господ. Всушност, трудот ќе ве научи на сѐ, него треба да го распалите.
Но, никогаш не заборавајте дека суштината во молитвата е вознесувањето на умот и срцето кон Бога, бидејќи Бог е сеприсутен. И светиот пророк ја учел својата душа: „Благословувај Го душо моја Господа на секое место!“ Повеќе од сѐ друго може да помогне размислувањето за Бога, односно како што вие додадовте: љубовта кон Бога. За да се навикнете да размислувате за Него, средството е кратката молитва која во мислите се повторува постојано: „Господи помилуј!; Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот!“ Додека седите, одите, работите нешто или зборувате, во секоја ситуација и во секој миг постојано имајте ја мислата дека Господ е близу и од срце повикувајте: „Господи помилуј!“
Мислите ви се расеани. Тоа не може одеднаш; треба да се потрудите додека не ви се појави навиката постојано да бидете во срцето пред Господ. Штом ќе забележите дека мислите се разбегале, враќајте ги назад, за никогаш своеволно и свесно да не им дозволите да талкаат. Тоа треба да го правите не само за време на молитвата, туку секогаш. И поставете си закон: секогаш со умот во срцето да бидете со Господ и да не им дозволувате на мислите да скитаат, и штом ќе тргнат веднаш вратете ги назад и натерајте ги да бидат во куќата, во срцето, и да беседат со најслаткиот Господ. Кога тоа ќе го втемелите, присилете се истото да го извршувате, и внимавајте да не го нарушите; не си навлекувајте казна и молете Му се на Господ да ви помогне во тој најпотребен дел. Ако вистински се трудите брзо ќе успеете. Условите за успех се следниве: 1) непрекинатост во таквата активност, постојаност во неа. Не да почнете, па да ја оставите, туку вака: сте почнале и ќе одите додека не постигнете успех. Во секоја работа успехот зависи од постојаниот труд; 2) потребно е да се наоружате со трпение и самопринудување. Ќе дојде мрзливоста, желбата да се остави, ќе се појави дури и сомнежот дали треба така да се постапува – сето тоа бркајте го од себе, и така сте се одлучиле да се принудувате на тоа дело; 3) за да успеете нека ве придвижува надежта дека Господ, гледајќи го вашиот труд околу молитвата и желбата да се навикнете на неа, на крајот ќе ви ја даде молитвата, и дека таа, втемелувајќи се во срцето, самата ќе се јави оттаму. Тој најблажен плод доаѓа од молитвениот труд! Очекувањето на тој плод ги поттикнувало сите молитвеници, а неговото здобивање, за нив било извор на непрестајното духовно блаженство, радост и мир на нивното срце во Бога. Бог нека ви го подари тој плод! Но нема да ви го даде без труд, и тоа постојан труд, со самопринудување, трпение и надеж. Бидете храбри!
Свети Теофан Затворник