Оној што не ја здобил молитвата, чиста од помисли, нема со што да ја води битката (13.11.2013)
Вниманието е постојана невознемиреност од какви било помисли и тихување на срцето. Кога срцето ќе го постигне тој мир, вечно, во секој миг и непрестајно ќе општи со Исус Христос, Божјиот Син, и ќе дише само со Него – заедно со Него храбро ќе се бори против духовниот непријател; само Нему ќе Му се исповеда како на Единствениот што има власт да ги простува гревовите и постојано ќе Го гушка со тајна молитва, Него, Единствениот познавач на човековите срца.
Трезвеноста е непоколеблива цврстина на умот и негово постојано стражарење на портите на срцето. Така утврдениот ум лесно ги забележува нему несвојствените помисли, кога му се прикрадуваат, ги гледа и го слуша она што го зборуваат и она што овие убијци го прават. Тој, исто така, ја разоткрива маската на демонот која се обидува да го измами. Ако така се трудиме и подвизуваме, ќе здобиеме мудро искуство во духовната борба.
Овие се начините за трезвеност на умот: првиот – преба непрестајно да се внимава на фантазиите, бидејќи без лажните виденија и фантазиите ѓаволот не е во состојба да предизвикува помисли и со нив да го мами умот; вториот – срцето треба да се држи натажено и во длабок молк, и тоа постојано, за да не биде вознемирено од какви било помисли, туку да биде во молитвена состојба; трето – треба молитвено да се повикува на помош Господ Исус Христос, непрестајно и со смирение; четврто – душата треба постојано да размилува за смртта; петто – постојана насоченост и стремеж кон небото, сметајќи ја земјата за ништо.
Оној што се занимава со внатрешна активност треба во секој момент да ги поседува овие четири работи: смирение, најголема будност (внимание), спротивставување и молитва. Смирението, бидејќи се бори против гордите демони – секогаш да му биде при срцето, затоа што Господ ги мрази горделивите. Вниманието, за да го ослободи срцето од сите помисли, па дури и оние што му изгледаат како добри. Спротивставувањето (на помислите), за штом ги распознае оние што му доаѓаат, со гнев да му се спротивстави на нечестивиот. Молитвата, за веднаш после спротивставувањето со плач да воздивне кон Христос. Тогаш самиот подвижник ќе го види непријателот како се топи и како Исусовото име го прогонува, исчезнувајќи како прав со своите фантазии.
Оној што не ја здобил молитвата, чиста од помисли, нема со што да ја води битката. Под молитва ја подразбирам онаа што непрестајно дејствува во најскиеното место на душата, и со Христовото име го бичува и спалува противникот што тајно напаѓа.
Преподобен Исихиј Ерусалимски