Кои се најважните оружја со помош на кои ги поразуваме искушенијата од ѓаволот и која е ползата од искушенијата, односно нашата борба со непријателот?
 
 
 
 
 

Кои се најважните оружја со помош на кои ги поразуваме искушенијата од ѓаволот и која е ползата од искушенијата, односно нашата борба со непријателот? (15.02.2014)

Има две најмоќни оружја со кои ги поразуваме сите замки и искушенија од ѓаволот. Првото е светата молитва, а потоа смирението. Ние непрестајно Му се молиме на Небесниот Отец, велејќи: „И не воведувај нѐ во искушение, туку спаси нѐ од лукавиот“ (Мат. 6, 13). Односно бараме од Отецот да не нѐ остави во искушенијата над нашите сили и да нѐ спаси од сите ѓаволски замки, полни со лукавства. Значи, во кое било време на искушенијата треба постојано да се молиме, со солзи, со пост и со покајничко срце. Светите Отци ни препорачуваат постојано да ја кажуваме Исусовата молитва: Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот, особено за време на искушенијата, затоа што Господовото име како меч ги вади од нашето срце и ги сече непријателските искушенија. Второто многу силно оружје против искушенијата од ѓаволот е смирението. Слушни што вели Давид: „Бев покорен, и се спасив (Пс. 144, 6). Кога сме опкружени со искушенија и страсти, треба да се смириме од срце, односно да се сметаме за најголеми грешници, велејќи си дека само поради нашите гревови и нашата гордост сме искушувани, и тогаш ѓаволот ќе побегне од нас, затоа што непријателот најмногу го печат смирението, молитвата со солзи и постот. Другите оружја за време на искушението се: мажественото трпение, честата исповед на помислите, читањето на светите книги, избегнувањето на причините за грев, Светата Причест, тихувањето, одрекувањето од земните нешта и др.

Првата полза е во тоа што без искушенијата и без борбата со нив не можеме да се спасиме, ниту имаме каква било причина да бидеме крунисани со победничкиот венец. Без искушенијата и духовните борби не е можно спасението за душата. За тоа зборуваше еден отец во пустината: „Отстрани ги искушенијата и никој од луѓето нема да се спаси“. Потоа, искушенијата нѐ навикнуваат на мајсторството во духовните борби, нѐ калат во животот, ни помагаат духовно да растеме. Искушенијата ни ја зголемуваат верата, нѐ поучуваат и нѐ приморуваат повеќе да се молиме, да бидеме будни и трудољубиви во црквата, во постот, во читањето на побожните книги; искушенијата нѐ праќаат почесто на исповед, на барање совети и на Светата Причест. Искушенијата нѐ смируваат, ни покажуваат колку сме слаби и немоќни кога сме сами. Искушенијата ги зголемуваат нашето трпение, молитвата, солзите, смирението и верата. Ете ја смислата, целта и ползата од искушенијата на земјата.

Старец Клеопа