Повторно да Му пријдеме – но овојпат сами
 
 
 
 
 

Повторно да Му пријдеме – но овојпат сами (26.02.2014)

Еве, и јас сум со вас во Црквата, и во животот на многу од нас веќе се случи чудото на средбата со Христос. Меѓутоа, дали одејќи по Христос го направивме следниот чекор или повторно ослабна нашата душа, дали се предадовме на ситните добивки и пристрасности? Душата почнува да воздивнува, но за сопствената наслада, и повторно е парализирана од страна на земјата: отфрлајќи ја Божјата правда, таа ја бара својата.

Да, првобитната ревност по Бога, родена од средбата со Него, постепено почнува да слабее. Човекот, иако насочен кон Бога, почнува да чувствува дека неговите чекори, со кои Го следи Христос, стануваат сѐ потешки. Благиот и лесен Христов јарем, кој порано не го ни чувствуваше, се претвори во бреме и тоа почнува да го влече кон земјата. Светот почнува да го измачува преобратениот. Истовремено, ѓаволот, кој се сеќава на нашата некогашна љубов кон него, му пристапува со многу соблазни.

Во таквата состојба, често се случува многу да подлегнат. Тиранската власт на тагата уништува сѐ во нашиот живот, бришејќи ги и најсветлите сеќавања на Божјата благодат, на Божјата милост кон нас. Во свеста продира само едно прашање: Зошто се затемни светлината, како замина сето она за што се мислеше дека ќе биде доволно за целиот живот?

Забележувате, мили мои, дека многу, во тоа прво време, се нафрлаат на тагата со уште поголеми напори и со уште поголем занес ги зголемуваат надворешните подвизи. За жал, и надворешниот и внатрешниот живот сѐ повеќе се руши, и човекот често се враќа на претходното, а понекогаш дури и на полош начин на живот. Зошто?

Непрестајно повикувај Го Исус, Кому Му служиш, затоа што е доволно едно движење на Неговата рака и сето тоа да се смени. Тој веднаш почнува сѐ да приведува во спокојство и на сѐ може да му даде неочекуван пресврт, затоа што Бог може да ни ги подари не само оние добра кои ги очекуваме и на кои се надеваме, туку може да направи и неспоредливо повеќе и бесконечно подобро.

Еве во што се крие причината за нашата несреќа – останувајќи надворешно со Христос, ние внатрешно забораваме на Него и не одиме по Него, туку Него Го водиме по себе. „Види ги Господи и восхитувај им се на моите подвизи, па ќе го направам тоа и тоа“. „Јас, јас, јас“. Но тоа „јас“ ни Го засени Христос. Меѓутоа, тоа наше „јас“ се исцелува преку нашата слабост, нашата немоќ. Христос само нѐ набљудува, како Свои неразумни деца, допуштајќи ни да се насладуваме со сопствената слабост, за повторно да Му пријдеме – но овојпат сами.

Сите ние, кои сме слаби, но кои несомнено веруваме во Христос, не треба да паѓаме и да наведнуваме глави, туку во своето срце треба да ги изговараме зборовите кои Господ му ги кажа на апостолот Павле: „Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила совршено се покажува во немоќта“.

Архимандрит Јован Крестјанкин