Тешко нам кои го напуштивме патот на светите Отци и останавме без духовни дела
 
 
 
 
 

Тешко нам кои го напуштивме патот на светите Отци и останавме без духовни дела (27.02.2014)

Нашите помисли се помисли за нештата. Некои од нештата се сетилни, а некои мисловни. Кога е зафатен со нив, умот се занимава со истите во себе. Благодатта, пак, на молитвата го поврзува умот со Бога. Соединувајќи го со Него, таа го одвојува од сите помисли. И ослободен (гол) од нив, умот во разговорот со Бога станува боголик. Станувајќи таков, тој веќе од Него моли само за она што доликува и никогаш не греши во својата прозба. И апостолот заповеда: „Молете се непрестајно“, за постојано соединувајќи го умот со Бога, постепено да ја отфрламе пристрасноста кон минливото.

 

Божјото Писмо не заповеда ништо невозможно. И самиот апостол пеел и читал, и служел, и непрестајно се молел. Бидејќи, непрестајната молитва значи: да се има побожен ум, да се има копнеж прилепен за Бога и надеж која постојано се потпира (виси) на Него, во сите дела и случувања. Наоѓајќи се во таква состојба, апостолот рекол: „Кој ќе нѐ одвои од Христовата љубов? Тагата и маката, и останатото?“ И нешто подоцна: „Затоа што сум сигурен дека ниту смртта, ниту животот, ни ангелите не можат да нѐ одвојат од Него“, и повторно: „ Во сè сме навредувани, но не сме притеснети; во тешкотии сме, не губиме надеж; нè гонат, но не сме изоставени; нè кутнуваат, но ние не загинуваме. И секогаш во нашето тело ја носиме смртта на Господ Исус, така што и Исусовиот живот да се открие во нашето тело“ (2 Кор. 4, 8-10).

 

Со такво расположение апостолот непрестајно се молел. Затоа што, како што е речено, во секое дело и случување неговата надеж се потпирала на Бога. И сите светители секогаш се радувале во неволјите за да дојдат до состојбата на Божјата љубов. Бидејќи и апостолот велел: „Затоа со многу поголема радост ќе се фалам со своите немоќи, за да се весели во мене Христовата сила“ (2 Кор. 12, 9). И веднаш потоа: „кога сум слаб, тогаш сум силен“.

 

Но, тешко нам кои го напуштивме патот на светите Отци и останавме без духовни дела. Невозможно е умот потполно да Му се потчини на Бога ако не се здобијат трите добродетели: љубовта, воздржанието и молитвата. Затоа што, љубовта го скротува гневот, воздржувањето го суши сластољубието, а молитвата го одвојува умот од сите мисли и го поставува гол пред Бога. Тие три добродетели во себе го содржат сето останато и без нив умот не може да направи ништо достојно за Бога.

 

Свети Максим Исповедник