Поуки за молитвата
 
 
 
 
 

Поуки за молитвата (01.03.2014)

Молитвата е фиданка на кроткоста и негневливоста.

 

Молитвата е излив на радост и благодарност.

 

Молитвата е лечење од тагата и унинието.

 

Стој трпеливо и моли се храбро, одбивај го нападот од животните грижи и сите помисли. Бидејќи, тие предизвикуваат смут и те вознемируваат за да го растројат твојот молитвен поредок.

 

Кога ќе забележат дека некој е срдечен и има ревност за молитва, демоните (за време на молитвата) му подметнуваат помисли за сѐ и сешто, навидум потребно (и заминуваат). Нешто подоцна тие повторно го потсетуваат на тоа, поттикнувајќи го умот да се занимава со тоа (ако се работи за прашање – да го одговори, а ако е за некој предмет – да го добие). И тој, не здобивајќи го тоа што го сака – жали и тагува. И потоа, кога повторно ќе застане на молитва (тој срдечен молитвеник), тие го потсетуваат за предметот и желбата, за умот, враќајќи се на нерешената работа, да ја направи молитвата неплодна.

 

Труди се твојот ум за време на молитвата да го направиш глув и нем. Тогаш ќе можеш да се молиш како што треба.

 

За време на молитвата немој да се ограничуваш само на надворешните движења на телото и положбите, туку својот ум, со голем страв, вознеси го до духовната молитва.

 

Понекогаш се молиш добро штом ќе застанеш на молитва, а понекогаш не ја постигнуваш целта ниту после многу труд. Тоа е допуштено за уште посрдечно да ја бараш молитвата, и така добивајќи ја, таа да биде безбедна од откраднување.

 

Кога ќе ни се приближи ангелот, веднаш се оддалечуваат сите што ни додеваат. Тогаш умот чувствува голема утеха и здраво се моли. Понекогаш, повторно, за време на обичната борба, на умот не му се дава да се воздигне (кон богомислието и доброто чувство). Тоа е затоа што од порано е обележан со страстите. Всушност, поупорно нека бара и ако не престане да чука, ќе му се отвори. 

 

Што е добро освен Бог? Да Му предадеме сѐ што се однесува на нас и ќе ни биде добро. Затоа што, Благиот е секако и Дарител на добрите дарови.

 

Немој да тагуваш ако веднаш не го добиеш од Бога она што го бараш. Тој сака да ти даде поголем дар токму со тоа што те наведува на тоа со трпение подолго да претстојуваш во молитвата. Зашто, што е поголемо од разговорот со Бога и од вознесеноста од општењето со Него.

 

Нерасеаната молитва е највисоката активност на умот.

 

Молитвата е вознесување на умот кон Бога.

 

Доколку сакаш вистинска молитва, откажи се од светот. Така ќе ја наследиш.

 

Ако твојот ум, горејќи од копнеж за Бога, малку по малку, се одрекува од телото и ги избегнува сите помисли, кои се јавуваат како резултат на сетилните впечатоци и сеќавањата, и истовремено станувајќи полн со побожност и радост, можеш да заклучиш дека си се приближил до границите на молитвата.

 

Снисходејќи ѝ на нашата немоќ, Светиот Дух ни приоѓа уште додека сѐ уште не сме чисти. И доколку види дека нашиот ум искрено се моли, тој ги растерува сите помисли и претстави кои го опкружуваат, поттикнувајќи го на желба за духовната молитва.

 

Преподобен Нил Синајски