За молитвата (08.03.2014)
Постои сведоштво во Божјите зборови за тоа дека молитвата претставува средство за добивање на спасоносна надеж. Самиот Господ Исус Христос со молитвата ја соединува надежта дека ќе се добие посакуваното: „и што и да посакате од Отецот во Мое име, ќе ви го исполнам, за да се прослави Отецот во Синот“ (Јован 14, 13).
Молитвата е вознесување на умот и срцето кон Бога, кое се пројавува преку побожното обраќање на човекот кон Бога.
Вознесувајќи ги умот и срцето кон Бога, христијанинот треба да го прави следново. Како прво, да го прославува Бога поради Неговото Божествено совршенство, како второ, да Му благодари за Неговите добри дела, и како трето, да моли од Него за она што му е потребно. Затоа постојат три главни видови на молитва: славословие, благодарење и молење.
Можно е да се моли без зборови – со умот и срцето. Пример за тоа е пророкот Мојсеј кој така се молел за време на преминувањето на Црвеното Море. Таквата молитва има посебно име. Неа ја нарекуваме духовна, умна и срдечна, или, со еден збор – внатрешна молитва, како што, спротивно од тоа, молитвата која се кажува со зборови и која е пропратена со други обележја на побожност се нарекува усна или надворешна молитва.
Молитвата може да биде и само надворешна, тогаш кога некој зборовите на молитвата ги кажува без внимание и сосредоточеност. Но, само надворешната молитва не само што не е доволна за добивање на благодатта, туку напротив, без внатрешната молитва таа го разгневува Бога. Самиот Бог го покажува незадоволството од таквата молитва: „Овој народ Ми се приближува и со устите Ме почитува, а срцето им е далеку од Мене. Но залудно Ме почитуваат“. Но, не е доволна ниту само внатрешната молитва без надворешната, како што на човекот не му е доволна само душата без телото... Бидејќи имаме и душа и тело, ние треба да Го прославуваме Бога и со нашите тела и со нашите души, кои се Божји. Нашиот Господ Исус Христос бил во најголема мера духовен, но и Тој Својата духовна молитва ја кажувал како со зборови така и со побожни движења на телото: понекогаш со подигнати очи кон небото, некогаш со приклонување на колената и лицето до земјата.
Свети Филарет Московски