Да ги поднесуваме сите неволји и тешкотии (10.03.2014)
Зимата заминува и настапува пролетта. Ние гледаме како Божјото создание оживува: цвеќињата растат, земјата се покрива со зеленило, птиците почнуваат да пеат и сѐ останато се обновува. И ние се насладуваме со сето тоа и Го славиме премудриот Уметник на сѐ, Бог Кој секоја година како да го пресоздава и преобразува сето Свое создание... Ние, всушност, не треба да се задржуваме само на реченото, туку и попространо да го насочиме својот мисловен поглед и во самите себе да го видиме она што се случува со целото создание. Како? Преку споредбата. Причината за обновување на созданието е зимата, во која земјата и сѐ што е на неа го потчинува негативното влијание на снегот, ветровите... Слично се случува и со душата: доколку прво не ја истрпи зимата на сиромаштијата и бедата, таа нема да даде цвет ниту плод. Доколку, пак, претрпи сѐ слично, ќе ги даде очекуваните плодови и ќе добие благослов од Бога, како што е напишано: „Бидејќи земјата што го упива дождот што често паѓа на неа, и која раѓа билки полезни за оние за кои и се обработува, добива благослов од Бога (Евр. 6, 7).
И ние треба да ја поднесуваме секоја неволја, секое лишување, секое видливо и невидливо искушение кое нѐ напаѓа во времето на постот кој минува во гладување и жед, и во сите останати неволји, за да станеме плодоносни и за да добиеме благослов од Бога. Ние треба да Го прифатиме како гостин Господ и да Го нахраниме. Ние, имено, се насладуваме со гледањето на зелените, расцветани и плодоносни созданија. И Господ се радува кога ја гледа нашата душа која духовно цвета и донесува плод. Каков плод? „Љубов, радост, мир, долготрпение, благост, добрина, вера, кроткост, воздржување“ (Гал. 5, 22-23). Ете со што Тој се насладува и храни. И блажен е оној што со тоа што Го храни и од Него ќе биде нахранет со вечни богатства. Блажен е оној што Го прима како гостин бидејќи и Тој ќе го прими него во Небесното Царство. Оној што земниот цар го прима во својот дом има голема радост. Зарем нема повеќе да се израдува оној што во својот дом Го прима Царот над царевите и Господарот над господарите?
... Затоа, со радост треба да трпиме и да го послушаме апостолот, кој вели: „Сега се радувам во своите страдања за вас, и во своето тело го дополнувам она што им недостасува на Христовите страдања, за Неговото тело – Црквата. И св. Јаков вели: „Радувајте се кога ќе западнете во искушенија, знаејќи дека искушувањето на вашата вера го гради трпението; трпеливоста, пак, нека ви биде совршена работа, за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток“ (Јаков 2-4). Гледате ли дека во искушенијата се наоѓа радоста. Светителите така живееле. И ние се напрегаме да одиме по нивните стапки за заедно со нив да го наследиме Небесното Царство.
Преподобен Теодор Студит