Ти, значи, не сакаш да страдаш? Тогаш не посакувај ниту да бидеш вознесен!
 
 
 
 
 

Ти, значи, не сакаш да страдаш? Тогаш не посакувај ниту да бидеш вознесен! (13.03.2014)

Сега се учиш на таа уметност. Сега имаш награда. Сега покажуваш дека Го сакаш Христос, а не порано, кога благодатта беше присутна кај тебе.

Како ќе ја покажеш својата големина, ако во тебе постои благодатта? Таа, во тој момент самата од себе ќе повика: „Ава, Оче!“ Благодатта Го повика Дарителот на благодатта: „Кој може да ме раздели од Твојата љубов, Исусе мој?“ Тоа, со посредство на телесните усни го говори благодатта, а не телото, зашто таа е сила, која се вгнездила во тебе, исто како што и ѓаволот преку истата таа уста говори, кога тој ќе се вгнезди во тебе.

Телото ништо не може да направи без благодатта.

Кога ја нема благодатта, телото (плотта) се одрекува од Исус. Тогаш се огласува петелот, се присетува Петар и горко плаче повикувајќи: „Згрешив“. Меѓутоа, повторно се сокрива во горната одаја и се плаши од јудејците. Срцето му бие како на глушец, кој чувствува дека надвор, позади вратата е мачката. „Со Тебе“, вели, „ дури и ако треба да умрам!“ Нема да се одречам, вели, кога е тука Христос. А кога Христос малку ќе се оддалечи, повторно до трипати се одрекува од Него (Мт. 26, 35 и 75; Јн. 20, 19).

Значи, гледаш ли? Разбираш ли, колкава тајна се сокрива во Словото? Христос, нас нѐ застапува во Светиот Дух. Поради тоа, кога Тој ќе дојде, стануваме собеседници. Рибарите стануваат учители, а блудниците целомудрени. Крадците, веќе престануваат да крадат, сите се каат. Што мислиш, кој го направил сето ова? Единствениот, Сезнајниот, добриот Управител, најслаткиот Исус, единствената наша Љубов.

Кога човекот ќе ја разбере човечката болка? Кога и самиот ќе страда, кога ќе помине низ истото. Само тогаш ќе ја разбере болката на другиот. Инаку е суров и никого не сожалува, освен ако е добар по природа. Но, сѐ што е од природата не заслужува бесчестие, а подвизите и падовите ѝ припаѓаат на желбата.

Како, значи, да се поучиме од таа сезнајна наука, ако искушението, нас не нè провее како пченица? Зашто, кога благодатта би си отишла, не само ти и јас, туку ниту светите апостоли нема да бидат тоа што се! Како може земјата – тој глинен сад, да ја задржи водата, ако не биде испечена на огнот? Бог сака нас да нè направи исти како борците во арената, или како топката, со која тие играат.

Те воздигнува на небесата. Ти го покажува она што очите на исплашениот човек не можат да го видат и ушите на обземениот со земното не можат да го чујат. Иако, можеби, ниту малку не си згрешил, Тој, сепак, го врти листот и те фрла во пеколните длабочини. Па се радува, кога ќе те види колку добар борец си, затоа што се бориш одеднаш, со цел еден полк демони. Остави ме мене и земи го за пример Павле. Веднаш, штом се вознел до третото небо и го видел и чул неизреченото, повторно воскликнал: „Ми се даде трн во моето тело!“

Така прави Крепкиот со Својата сила, сè додека не го создаде човекот: за да може овој, да се воздигне и да созерцува, па потоа, да се спушти на земјата и да војува. За да може и кон едното и кон другото да се однесува вообичаено. За да може вообичаените промени да не остават никаква трага на него. „И едното и другото е“, ти вели Тој, „заради Мене“.

Ти, значи, не сакаш да страдаш? Тогаш, немој да очекуваш ниту да бидеш вознесен! Ако некој не сака да претрпи тешкотија, тогаш и нека не ја бара благодатта.

Според тоа, благодатта ти е одземена, за да станеш мудар. Но, не плаши се, таа повторно ќе дојде. Нема да те напушти. Тоа е Божјиот закон. Меѓутоа, повторно ќе си отиде, но повторно и ќе дојде. Ти, само немој да престанеш да се молиш за неа, сè дотогаш, додека не те направи совршен.

Старец Јосиф Исихаст